Најважно
346 вести · 24 ч.
Берово 6°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Мециновиќ праша за воздржаниот глас за резолуцијата за Газа

Резиме

Пратеникот Амар Мециновиќ праша зошто Македонија се воздржала при гласањето за резолуцијата на Генералното собрание на ОН за прекин на огнот во Газа, наместо да гласа со европскиот блок. Тој праша и дали тоа најавува отстапување од усогласувањето со ЕУ и дали Владата ќе поддржи собраниска декларација за признавање на Палестина.

Министерот одговори дека Владата осудува цивилни жртви и поддржува мир, но оцени дека резолуцијата не содржела експлицитна осуда на Хамас и соодветно спомнување на заложниците. Посочи дека со воздржување гласале и Чешка, Словачка, Романија и Албанија. Во одговорот не се осврна на прашањето за собраниската декларација.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Амар Мециновиќ

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Амар Мециновиќ, поставено на 57-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 26 јуни 2025 година Пратеничкото прашање гласи: Второто прашање е за Министерството за надворешни работи затоа што на 12 јуни имавме соопштение од организацијата на Обединетите Нации која вели Генералното Собрание го изгласа прекинот на огнот во Газа со огромно мнозинство. На тоа гласање 149 земји гласале за, 12 против, додека имало 19 воздржани од кои една и Македонија. Моето прашање е двослојно, но сепак мислам дека е јасно. Првично зошто ја прекинуваме праксата на гласање со европскиот блок по повод овие прашања затоа што имаме традиција на усогласување на нашето гласање во Обединетите Нации со блокот од Брисел, зошто отстапуваме по вака горливо прашање да не гласаме како европскиот блок во овој случај и дали тоа наговестува дека ќе прекинеме со традиционалното гласање по други точки за кои Европа гласа на еден начин, Америка на друг начин како можеби ембаргото во Куба. Дали Македонија има намера, т.е. вашето Министерство дали има намера да не донесе во блок на гласови од по 2-3 држави по традиционални прашања кои ние сме ги подржувале во изминатите години. Истовремено зошто вакво гласање кога знаеме дека е спротивно на јавното мнение во Република Македонија. Населението во Република Македонија не сака неговите државници да бидат тапани на војната и противници на мирот. Напротив мислам дека македонското население сака својата држава да ја види на браникот на мирот и стабилноста во светот и сака неговите државници да се однесуваат складно на јавното мнение. Мислам дека македонскиот народ меѓу другото се поистоветува со трагедијата на палестинскиот народ посебно заради историјата со протерувањето од Егејска Македонија и дали мислите дека ова е склад, дали вашите одлуки се во склад со јавното мнение. Истовремено, содржано во ова прашање, дали мислите дека е време кога се повеќе европски држави ја признаваат Палестина. Е сега гледаме дека има офанзива на надворешна политика на Франција која агитира дополнително признавање на државата Палестина која учествува во решението на две држави кое нашиот премиер го подржа, дали мислите дека е конечно време да се отвори атмосферата во ова Собрание и да агитирате меѓу вашите пратеници да ја изгласаме Декларацијата која ја имаме поднесено и да се приклучиме кон овој континентален тренд и да се вратиме во блокот на надворешна политика кој е складен на Европската Унија, а не на САД.

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија

О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Амар Мециновиќ, поставено на 57-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 26 јуни 2025 година Поставивте едно прашање со неколку потпрашања. Ќе се обидам максимално прецизно да ви одговорам. Прво, ниту јас, односно јас како министер и ние како Влада секогаш ќе осудиме смрт на цивилно население, жртви на цивилно население во било кој конфликт во светот вклучително и во конфликтот помеѓу Израел и Палестина во моментот. За тоа да немате никаква дилема. Кога зборуваме за самата Резолуција не се работи за Резолуција која што е насочена за мир во Газа, туку Резолуција која има своја содржина. Нејзината содржина е многу повеќе од една кратка реченица дали нашата држава е за мир во Газа, да. Дали нашата држава е за мир во сите земји во светот, секако, стоиме позади мирот. Технички прво да ви одговорам. Го поставивте прашањето зошто не сме гласале со нашите европски сојузници. За наведената Резолуција имало 149 гласа за, 12 против, 19 гласа воздржани. Во земјите кои што гласале против вие набројавте една, тоа се САД, и во земјите кои што гласале против има една земја членка на Европската Унија, тоа е Унгарија. Во земјите кои што гласале како нас, воздржано ќе ви набројам три земји членки на Европската Унија, тоа е Чешка, тоа е Словачка, и тоа е Романија. Ќе ви набројам и еден наш сосед, наш партнер во Алијансата кој што гласал исто како нас. Тоа е соседна Албанија. Што значи дека ние и во рамките на ова гласање сме постапиле на ист начин како одреден број на наши сојузници и од Европската Унија, но и од НАТО Алијансата. А сега ќе ви кажам и зошто сме гласале и воздржано за наведената Резолуција. Прво во наведената Резолуција недостасуваше експлицитна осуда за улогата на Хамас и експлицитно за што точно прави Хамас за да постои овој конфликт и до колку нема таква прецизна терминологија ние не можеме да подржиме таква резолуција. Истовремено во содржината на Резолуцијата бидејќи ќе повторам ова не е Резолуција за или против мир, ова е Резолуција со своја содржина и вие како политиколог сигурен сум и дека сте ја прочитале истата. Нема соодветно спомнување на заложниците кои што од страна на Хамас, терористичката организација се држани ден денес на територијата на Газа. Исто така, самата Резолуција беше еднонасочно настроена и што прави со својата содржина така, прави штета за напорите за обезбедување. За среќа бидејќи вие ги спомнавте САД, нашиот партнер, за среќа сега во САД имате администрација која што ефективно работи за обезбедување на мир. Го видовме тоа за состојбата помеѓу Израел и Иран, видовме како активно обезбеди мир помеѓу Пакистан и Индија пред неколку недели и гледаме како активно работи за деескалација и обезбедување на мир помеѓу Украина и Русија, но исто така обезбедување на мир и крај на конфликтот во Газа и ние како држава, ние како Влада секогаш бидете убедени ќе застанеме на страната на мирот и ќе бидеме рамо до рамо со нашите сојузници како што ви набројав и од Европската Унија и од НАТО Алијансата.

Сите пратенички прашања