Најважно
349 вести · 24 ч.
Берово 6°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Министерството за транспорт вели дека нема надлежност за поголем дел од општина Чаир

Резиме

Пратеничката Славјанка Петровска праша дали Министерството за транспорт наредило или спровело надзор над законитоста на работењето на општина Чаир во урбанистичкото планирање, градбите, бесправно изградените објекти, комуналните работи и домувањето. Таа го поврза прашањето со јавни обвинувања за постапувањето во општината и со надлежностите наведени во стратешкиот план на министерството.

Министерот одговори дека министерството и градежниот инспекторат имаат надлежност за градби од А категорија, вклучително и во делот на Чаир каде што е старата скопска чаршија, но не и за другите делови на општината. Според него, за нив е надлежен градоначалникот на Град Скопје и неговата градежна инспекција. Тој додаде дека градоначалникот не ги презел постапките што ги наведе за дивоградби и изнесе сомневања за политички мотиви зад јавните настапи.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Славјанка Петровска

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Славјанка Петровска, поставено на 57-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 26 јуни 2025 година Пратеничкото прашање гласи: Министер, на интернет страницата на министерството е објавен еден документ кој е насловен како „Нацрт стратешки план 2025 година – 2027 година“ кој се разбира дека започнува со едно ваше обраќање во кое велите дека Министерство за транспорт игра витална улога во подобрувањето на животниот стандард на нашите граѓани. Исто така, велите дека и имате план за детално утврдување на актуелната состојба но и известување за реализираните активности во изминатиот период согласно надлежностите на министерството. Се разбира попатно ја потенцирате и проформа вашата заложба за стабилна интеграција во Европската Унија. Во истиот тој документ е наведено дека во рамките на министерството постои еден сектор за управно – првни надзорни работи кои ги врши работите кои се однесуваат на решавање по жалби, поднесоци на физички и правни лица од областа на изведување на градби, утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, градежно земјиште и т.н. како и врши надзор над законитоста на работата на органите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје при остварување на нивните надлежности кои се набројани. Моето прашање е токму во врска со ова што пред малку го кажав. Веќе подолг временски период јавноста е бомбардирана со објавите на сегашната градоначалничка на Скопје, вашиот кандидат, вашата најдобра менаџерка и т.н. да не потсетувам се што зборувавте за неа. Која презентира сериозни така изгледаат, обвинувања за епски криминал што би рекле вие. Па, дури и за кривични дела кои не само што се поврзани со економски криминал туку веќе имаат и елементи на загрозување на безбедноста и сигурноста на граѓаните. И, тие во најголемиот дел се однесуваат на незаконски постапувања на градоначалникот на општина Чаир кој е ваш коалиционен партнер. И, бидејќи во ушите ни одѕвонува бидејќи постојано го повторувате она „И, брат да ми е, ќе одговара. И, нема веќе од партија се јавија“ и т.н. Ве прашувам вас: Дали се помрднавте во врска со овие обвинувања или не ви е брат ама коалиционен партнер ви е. Дали проверивте што се случува во таа општина. Дали ја спроведовте вашата законска должност, надлежност за надзор за она за што сте платен од граѓаните. Она што претходно го прочитав, а го цитирав исклучиво од документот кој го споменав се однесува на ваши ветувања, писмени изјави, обраќања во кои кажавте дека детално ќе ја утврдите актуелната состојба и ќе известите за реализираните активности во изминатиот период. И, затоа моето директно прашање до вас е: Дали наредивте или спроведовте надзор над законитоста на работата на општина Чаир а во врска со урбанистичкото планирање, изведувањето на градби, бесправно изградените објекти, комуналните работи и домување.

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Министерство за транспорт

О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Славјанка Петровска, поставено на 57- та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 26 јуни 2025 година Во однос на прашањето поврзано со општина Чаир, би сакал да разјаснам околу надлежностите. Министерство за транспорт и градежниот инспекторат кој што е во рамки на Министерство за транспорт имаат надлежности само врз основа на градби кои што се од А категорија. И, точно е дека во дел од општина Чаир има градби од А категорија. Тоа е старата градска скопска Чаршија и од прилика тука завршува нашата надлежност. Градби од А категорија се заштитени добра, стари градски јадра, автопати, железница, брани и т.н. и надвор од тоа и немаме што многу можеме да направиме. Имајќи во предвид дека индициите кои што се изнесуваат во јавност не се однесуваат на старата скопска Чаршија туку се однесуваат на други делови на општина Чаир. Ние таму надлежност немаме. Ни, исто така, е коректно да се информира јавноста дека целосна надлежност има градоначалникот на град Скопје со соодветната градежна инспекција и наместо да се прават онакви спектакли какви што се прават по медиуми. Нека се излезе со градежна инспекција, нека утврди. Доколку има дивоградби истите после тоа треба да се срушат доколку не сака да ги сруши инвеститорот треба градот да си распише тендер за фирма за рушење и таа фирма да оди да ги сруши и после тоа трошоците паѓаат на сметка на оној кој што бесправно градел и да поднесе соодветна пријава до надлежното Обвинителство и кривично после тоа да се одговара а целокупниот имот доколку е изведен на земјиште на Република Македонија затоа што, има и такви индиции кои што се изнесуваат во јавност се конфискува. Како што сме сведоци ништо од ова нема направено градоначалникот на град Скопје, напротив секој ден спектакли во јавност но, ниедна од овие правни дејствија нема направено и не се направени. Што може само да не носи кон некои други заклучоци, дали таму позадината е мотивирана можеби од политичката партија ДУИ и од одредени релации кои што градоначалникот односно градоначалничката на град Скопје ги има со високи функционери на ДУИ.

Сите пратенички прашања