О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Дејан Проданоски, поставено на 50-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 29 мај 2025 година Така е. Во процедура е Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за царински тарифи, со кои што треба да се изврши намалување на царински стапки за одредени стоки, кои како суровини или репроматеријали се користат во домашната индустрија. Поточно станува збор за 67 царински стапки. Ова е пред се резултат на нашата постојана комуникација која што ја имаме со коморите и странските инвеститори кои што се многу значајни и сметаме дека благодарение на овие измени ќе имаме создавање на поповолни услови во економијата, особено за оние компании кои што се извозно ориентирани. Значи со оваа измена се реализира Програмата за работа на Владата 2024-2028, во делот каде Владата се обврзува да изврши постепена хармонизација на царинските стапки со царинските стапки кои што се применуваат во Европската Унија и адаптирано на, како што кажав, извозно – увозните потреби на стопанството и државата. Измената на Законот за царинската тарифа е направен во консултација со Стопанската комора, од каде што, како што кажав, еден подолг временски период разговаравме и ги усогласувавме стапките, затоа што навистина прв пат се случува вакво нешто, да биде, една Влада да излезе во пресрет на бизнис секторот, а тоа да не биде резултат на некакви Ковид мерки. Последните измени на царинските стапки се случуваа во 2022 година, кога како причина се наведува некои усогласувања и олеснувања како резултат на Ковид мерките. Ние не сакаме да се поврзуваме со такви ситуации или Ковид мерки, велиме ние сега во услови кога имаме вакви состојби во светот, при што мораме да кажеме дека и економијата во Европа не е на едно високо завидно ниво, ги гледате стапките на раст какви се, од таа причина можам да кажам дека ние водењето на оваа царинска политика ја насочуваме на поддршка на бизнис заедницата, со цел, како што кажав, да им создадеме подобри услови. Односно целта е да ја зголемиме конкурентност на домашните компании кои извезуваат на странски пазари и зголемување на македонскиот извоз, како и зголемен девизен прилив, кој што исто така ни е значаен, а се очекува и зголемување на инвестициите и бројот на вработување. Значи, покрај преговорите кои што ги водевме со цел да имаме усогласување со Европската Унија, целта беше меѓу другото да привлечеме и повеќе странски инвестиции. Значи неминовно беше дека ќе дојде до хармонизирање и усогласување на стапките, но колку побрзо го направиме, толку нашата можност за привлекување на странски инвеститори може да се оствари побрзо. Предлог законот предвидува да се изврши намалување на царинските стапки до 50% од нивото на царинските стапки кои важат во Европската Унија, со што ќе се придонесе и за поголема усогласеност со царинската тарифа, како што кажав, на Европската Унија и во делот на царинските стапки, а притоа имајќи ги во предвид и правилата на Светската трговска организација каде што сме ние членка и мора и тоа да го почитуваме. Значајни сегменти кои се опфатени со новиот Предлог закон е дека со истиот ќе се намалат царински стапки за поголем број на стоки, кои како суровини или репроматеријали се користат во домашните производствени капацитети, односно одделни компоненти потребни за производство на високо финални производи, се со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија. Исто така со намалување на царинските стапки директно ќе се помогне во секторите на автомобилската, металопреработувачката индустрија, металургијата и енергетиката. Со Предлог законот ќе се изврши намалување на царинската стапка и за литиум јонските батерии за складирање на електрична енергија. Ова е посебно важно, ова го бараа коморите од нас, затоа што знаете дека во енергетиката иднината е токму во овие батерии. До овој момент увозот кој што се правел од страна на одредени компании бил со царински стапки од 15, а ние секако како држава, особено во услови кога имаме зголемено производство на електрична енергија од фотоволтаици или фотонапонски централи, во интерес ни е да имаме што е можно поголем капацитет или инвестирање во батерии, кои што ќе ја складираат енергијата. Тоа беше, да кажеме, една од реакциите на комората, на сите три комори, најмногу можеби Стопанската комора на Македонија и тука повторно усогласивме и кажавме, нема повеќе 15% плаќање на увозни давачки за јонските батерии или литиумски батерии, кои што се користат за енергетски потреби, туку одиме со стапка од 2,7%. Намалувањето, како што кажав, на царинската стапка за литиумонските батерии за складирање на електрична енергија во Секторот енергетика е од големо значење и важност и истото директно ќе помогне на компаниите во енергетскиот сектор, во насока на зголемување на своите капацитети, зголемување на извозната конкурентност и се очекува на зголемување на инвестиции и бројот на вработувања. Во контекст на ова потенцираме дека и самиот предлог, како што кажав, потекнува од бизнис секторот, кој што благодарение на инвестициите во батерии ќе очекува, да кажеме, соодветно или паметно користење на електричната енергија во текот на денот, односно користење на складираната енергија во периоди на денот кога цените се високи, на тој начин ќе помогнеме на компаниите да произведуваат производи по пониски цени и да можат да бидат конкурентни на европските пазари. Предлог законот не е предмет на усогласување со правото на ЕУ, односно со него се вршат дополнувања, што се од национален карактер, согласно националното законодавство. Додека пак царинската стапка, како што кажав, се намалува за 50% од нивото како што е во ЕУ, бидејќи со пристапување на Македонија во ЕУ секако ќе се преземат царинските стапки, но тоа ќе биде еден ден, ние сакаме побрзо нашите компании, посебно извозните, да ги направиме, како што кажав, конкурентни на европскиот пазар. Дополнителен одговор Така е, во рамки на овој закон дополнително се предложени измени за укинување на царинските стапки за стоките со потекло од Соединетите Американски Држави. Целосна либерализација на увозот на стоки со потекло од САД ќе придонесат зголемување на конкуренцијата на домашниот пазар, додека пак во меѓународната трговија едностраното намалување на царинските стапки праќа економска порака за забрзување на процесот на реципроцитет во меѓународната трговска размена. Иако директната трговска размена со САД не е голема, сепак САД се стратешки партнери на нашата земја и соработката со нив е значајна од секој аспект, поради што Македонија е подготвена да го прошири, продлабочи блиското партнерство помеѓу двете земји, што се заснова на заеднички цели, интереси и вредности и да воспостави трајна соработка врз основа на заемен интерес. Она што сакам да го искористам и да го порачам од оваа говорница, бидејќи со овој Предлог кој што го дадовме како Министерство за финансии заедно со Царинската Управа, почнаа одредени реакции во однос на тоа дека сега ќе имаме слободен увоз со нула, односно без увозни давачки. Кога зборуваме за економија, мораме секогаш да имаме предвид кој е партнерот од другата страна. Не само во насока на тоа дека Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер, туку од аспект на тоа колку се оддалечени од нас. Веројатноста дека вие ќе добиете свежо месо или зеленчук од Соединетите Американски Држави по цени кои што ги имате во моментот во Македонија е нереално.
Така што, овие денови коментарите околу тоа дека сега со оваа либерализација, да речеме, со САД, јас би ја рекла либерализација затоа што нема да имаме никакво оданочување кога станува збор за увозни давачки, ДДВ-то останува и понатаму и се плаќа при увозот, но во однос на увозните давачки апсолутно сметам дека може само повеќе да придонесе и да обезбеди поголема конкуренција во однос на увозот кој што го правиме од други земји. Како држава, ако ги погледнеме податоците и на Народната банка и на Државниот завод за статистика, ќе видите дека и во делот на храната ние со години во делот на производство паѓаме. Тоа значи дека ние сме увозно зависни, се повеќе увозуваме. Кога увезуваме по веројатно е дека ќе е од соседните земји и многу потешко е дека свежо нешто ќе стигне од толку далечна дестинација. Во однос на замрзнатото, знаете дека ние огромни количини увезуваме од еден куп земји, при што како потписнички на ЦЕФТА од сите земји што се потписнички на ЦЕФТА ние ги добиваме за нула проценти односно нема увозни давачки. Така што само Соединетите Американски Држави ги приклучуваме во оваа група на земји и едноставно правиме поголема конкуренција, кога станува збор за увозните производи. Ќе повторам уште еднаш, овие производи на нашето свежо производство, апсолутно не можат да имаат конкуренција. Но, за жал, нашето свежо производство не е доволно да може да ги задоволиме оние потребни количини во текот на годината. Така што ова е еден голем чекор во нашето партнерство со Соединетите Американски Држави, кое што ќе ни помогне во насока на намалување на продажните цени, а нели нашата цел е и тоа, колку можеме повеќе да помогнеме во борбата со инфлацијата која што сега можам да кажам е веќе и стабилна, но нашата цел е ако можеме да добиеме и поголема конкуренција увозна и да имаме пониски цени, сето тоа да можеме да го искористиме.