О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Реџеп Исмаил, поставено на 70-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 18 ноември 2025 година Во суштина и првото и второто прашање беа длабоко поврзани, но ете уште еднаш експлицитно да одговорам бидејќи зборуваме пред поширока јавност. Ништо не е пуштено во Софија на амин. Тоа е дезинформација, лажна вест. Сакам да биде јасно пред целата македонска јавност. Нашите државни институции ништо не пуштиле. Ни учебник, ни документ во Софија на таканаречен амин. Лесно е да ги парафразирате работите такви како што велите дека се, но тоа е невистина, неточно, не се случило такво нешто. И на крајот на денот времето покажува дали јас лажам или дали вие не ја кажувате вистината. Затоа што целосно се сеќавам како вие претставници на вашата политичка партија пред година и половина велеа само да дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт наредниот месец ја почнува постапката за промена на Уставот. Дали имате или немате напишано така? Реторичко е прашањето, јас одговарам пред вас, не вие пред мене. Но имате пишувано така, еве јас ви кажувам. И повторно ќе пишувате еве ги готово само што не седнаа да се договорат. Да, точно е дека ние треба да имаме дијалог со сите наши соседи. Да, точно е дека треба да работиме на затварање на сите отворени прашања. Но да, точно е дека тоа не смееме и немаме право да го правиме по секоја цена и на штета на нашите национални интереси. И повторно ќе ви кажам целосно верувам дека професорот Ѓеоргиев заедно со неговиот тим знаат како треба да функционираат, а тоа е слободно, независно и врз основа на знаењата и фактите кој што тие ги имаат на располагање. И тоа ќе биде комисија која што долги години ќе работи и нема да може да постигне заклучок ќе дискутира, ќе дебатира по однос на одредени прашања и природно ќе има развој на настаните кој што можеби нема да биде секогаш на задоволство на другата страна. Но тие дискутираат врз основа на факти историски и врз основа на нивните научни познавања. И знам дека би биле најсреќни да се докаже дека вашата поставен теза е точна. Дека ВМРО-ДПМНЕ е попусливо во делот на надворешната политика, дека ВМРО-ДПМНЕ направило отстапка. Но ете набројте една, една отстапка од таква природа што е направена во последните години. А повторно ќе кажам на секоја седница на пратенички прашања кога сум присутен во државата, сум присутен и тука во Собранието и кога има прашања насочени кон мене се обидувам да го одговорам. И ќе повторам уште еднаш верувам дека не сте координирани со историчарите во Софија и еве во добра верба настапувам спрема вас. Но случајноста е таква во истите неколку дена и од Софија и од вас добивам многу слично прашање.