О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Благој Бочварски, поставено на 71-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 27 ноември 2025 година Заменик министер за локална самоуправа Благодарам на прашањето. Почитуван пратеник, најнапред морам да истакнам дека како држава исправени сме пред едни големи предизвици во креирањето на политики кои ќе одговараат на реалните потреби на сите наши граѓани. А, истовремено и на општините кои треба значително да се зајакнат и да бидат одржливи. Во суштина локалната самоуправа претставува една жива динамична материја во политичкиот систем на нашата држава бидејќи е најблиску до граѓаните а граѓаните секако очекуваат од нас спроведување на развојни политики кои ќе значат подобрување на квалитетот на живеење. И, токму во таа насока како одговор на сето ова, Владата преку Министерство за локална самоуправа спроведе два јавни повика за капитални инфраструктурни проекти, со јасна цел. Подобрување на локалната инфраструктура и решавање на најголемите проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Бидејќи, верувајте дека незамисливо е во 21-виот век граѓаните се уште да живеат, да газат по кал или при најмал дожд да поплавуваат. И, благодарение на овие два јавни повици, преку потпрограмата А, Владата на општините им одобри вкупно, околу блиску 1200 проекти во вкупна вредност околу 20 милијарди денари, што претставува историски најголема инвестиција од страна на централната власт за поддршка на локалниот развој. Во однос, сега ќе се навратам, во однос на првиот јавен повик од минатата година, со пресек на 31.10.2025 година, 287 проекти се со склучен договор и еден проект без започната постапка за јавна набавка. Вкупно 98 проекти се воведени во работа или работат на терен. Од овие 98, 32 проекти се во завршна фаза и се очекува наскоро да се завршат. 185 проекти се завршени, а 4 проекти не се започнати со работа и 1 проект нема започнато постапка за јавна набавка. Вкупната инвестиција за овие одобрени 288 проекти е 4,5 милијарди денари. Понатаму. Со вториот повик од инструментот за капитални инвестиции се склучија договори за вкупно 828 проекти во вкупна вредност од 11 милијарди и 868 милиони денари, или приближно 225 милиони евра. Со пресек на 31.10.2025 година, 76 општини направиле ребаланс на Буџетот. Од 76 општини кои имаат направено ребаланс на Буџетот, Општина Маврово има ребаланс за два проекти, а другите две не се влезени во ребалансот, од причина што требало да изменат развојна програма, а се очекува да направат ребаланс после избори. Четири општини немаат направено ребаланс, а тоа се општините Центар Жупа, Старо Нагоричани, Дебар и Струга. Од вкупно 828 проекти, за 193 проекти објавена е постапка за јавна набавка, за 489 проекти веќе има склучено договор. Од овие 489 проекти со склучени договори, 255 проекти се воведени во работа и се започнати со работа, 32 проекти се завршени со теренска изведба, додека 12 проекти се во завршна фаза. И за 146 проекти нема започнато постапка за јавна набавка. Почитуван пратеник, ова е историска најголема инвестиција од централна власт за локалните самоуправи и затоа слободно можам да кажам со право дека, оваа Влада е вистински пријател на општините и на граѓаните, бидејќи предвидува еден инвестициски циклус насочен кон развој на капитални и инфраструктурни проекти, кое подразбира подобрување и унапредување на квалитетот на живеење на сите граѓани. И сите проекти доаѓаат по предлог на општините, со оглед дека тие се најблиску до граѓаните и ги познаваат најдобро нивните проблеми. Можно е некои проекти да влезат и во тригодишни буџети, бидејќи имаме големи проекти што се во висина од 150 до 200 милиони и не очекувам голем капитален проект да се реализира за два месеци. Ова се значајни проекти, значајни средства кои се ставаат на располагање на општините, со цел изградба на капитални проекти како што се училишта, градинки, паркови, водоводи, канализации со кои се решаваат децениски проблеми на граѓаните. Благодарам.