Најважно
349 вести · 24 ч.
Берово 6°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Мециновиќ праша за насоката на надворешната политика, Димитровски ги посочи стратешките приоритети

Резиме

Амар Мециновиќ праша „каде плови овој брод“, критикувајќи ги владините ставови за гласањата во Обединетите нации, Палестина, Куба и односите со Кина. Тој оцени дека надворешната политика ја оддалечува земјата од европските позиции и побара појаснување за нејзината насока во односите со САД и Европа.

Заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски рече дека главни стратешки приоритети се членството во Европската Унија, стратешкото партнерство со САД и партнерството во НАТО. Според него, интересите на САД и ЕУ за мир и интеграција на Западен Балкан се усогласени, а државата треба да се грижи за своите интереси и цели во согласност со двата партнера.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Амар Мециновиќ

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Амар Мециновиќ, поставено на 76-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 16 декември 2025 година Пратеничкото прашање гласи: Почитувани колеги пратеници, почитувани членови на Владата и почитуван заменик министер за надворешна политика, Јас денеска ќе имам само едно прашање кое ќе биде упатено до вас, всушност сакам да се надоврзам на дискусии кои што сме ги имале со министерот претходно, за кои денеска ќе се надоврзам, но министерот тука не е, можеби е неговото отсуство поврзано со градењето на новиот објект на кровот на Министерството за надворешни работи. Мислам дека и ова ќе биде предмет на дискусија на некои пратенички прашања, но сега да се фокусираме на прашања за надворешно-политичкиот курс на Република Македонија кои вие како Министерство го трасирате и оваа Влада го спроведува. Прашањето ќе биде едно и мислам дека ќе видите дека ќе произлезе логично од низа констатации кои ќе ги забележиме, затоа што се констатации, нема простор да разговараме за нивната природа. Навистина се такви какви што се чинат и се однесуваат на клучното прашање за насоката на нашиот надворешно-политички курс, кој па се надоврзува на тоа што кај опозицијата се ствара слика за вашата надворешна политика како да имате постери и цитати од дипломатијата и дипломатите на САД, па затоа ќе искористам еден цитат од озлогласениот дипломат Хенри Кисинџер, кој вели: Комплексноста, бидејќи комплексноста ја инхибира флексибилноста, раните избори се од особена важност. А вашата Влада во круцијално време за надворешно-политичките прилики во кои се наоѓаме, првите чекори кои ги презема нагласуваат многу турбулентни времиња за Република Македонија. Ќе одиме еден по еден од елементите на вашето надворешно политичко дејствување како претставници на Република Македонија. Минатиот пат кога разговарав тука со министерот за надворешна политика, разговаравме за едно многу контроверзно гласање во Генералното собрание на Обединетите Нации, кое се случи во јуни, тоа е гласањето против обидот за носење на резолуција за прекин на огнот во Газа. Тогаш вие гласавте против надвор од очекувањата на македонското општество, надвор од традицијата дипломатска која Македонија ја има и која претходи на нејзината независност, гласавте зачудувачки за целиот јавен дискурс и потоа вашиот министер рече дека сте имале проблем со јазичната формулација во самата резолуција. Добро. Од тогаш се случија неколку многу битни настани. Првиот битен настан е тоа што Велика Британија и Франција, како две битни земји од европскиот континент, ја признаа Палестина, во тој период ја признаа и Канада и Австралија, претходно имам примери како Шпанија, Словенија, итн. Министерот, повторно, кој требаше да биде тука денеска, кога новинарите му го поставија прашањето зошто, ние тоа не го правиме кога очигледно европскиот курс е дека се оди кон признавање, тој рече да не носиме емотивни и импулсивни одлуки. Ајде да го поделиме тоа. Емотивна одлука, емотивно би било замениче јас да дојдам тука и да ви читам илјадници имиња на убиени деца во Газа и ајде да искоментираме каква емоција е тоа. Погрешна емоција ли е да имаме. Емоцијата на човечноста треба да бегаме од таа емоција. Јас мислам дека не. Потоа импулсивност. Вашата пресметаност не можете да ни ја наметнувате како наша импулсивност. Ако вие сте пресметани да застанете во кампот со Америка и со Израел како единствени земји кои во континуитет гласаат против овие прашања, тоа е вашата пресметаност. Но, не можете да ни ја вметнете како наша импулсивност. Напротив, гласањето во ОН го покажуваат вашиот надворешно-политички курс. Втора работа. Јас ви честитам, ќе бидете запаметени во историјата на Република Македонија како првиот кабинет во надворешна политика кои гласал против кревањето на ембаргото на Куба. Откако постоиме како држава, откако се гласа, вашите пратеници инаку на Парламентарната група за соработка со Парламентарните од Карибите, лажат дека Македонија е зад ова прашање. Значи вие давате мешани сигнали и на крај излегувате и ја правите најгрубата, најгрубиот дисконтинуитет со традицијата на македонската дипломатија и гласате против кревањето на ембаргото. Можам да вадам цитати за ова прашање за Куба. Можеме да почнеме од Нелсон Мандела, чие ослободување на Јужна Африка се врзува со поддршката на Куба. Ама вие кога застанувате на страната на Израел, нормално е дека нема да ви биде гајле за тие што ја ослободувале Јужна Африка. Тоа се апартхејтските режими во модерното време и вие немате проблем да застанете рамо до рамо со апартхејтски режими. Ама не мораме да го цитираме Нелсон Мендела. Еве можеме да го цитираме на пример минатиот претседател на САД, Џими Картер, кој во 2002 година вели: „Сум бил во Куба и мислам дека треба да ја смениме политиката“. Треба да се крена ембаргото. Потоа имаме од канадскиот премиер Кретјан од 98-ма кој оди во Хавана за да разговара за како може да се надминат ефектите на ембаргото. Го имаме Кофи Анан кој во 2004- та рече: „Обединетите Нации непоколебливо и во континуитет го изразуваат својот став за кревањето на ембаргото на Куба. Потоа ги имаме и примерите на папите од Ватикан. Само Македонија, Тимчо Муцунски е најпаметен од сите и излезе со гласање против кревањето на ембаргото од Куба. Зошто го направивте тоа? Третата работа која се врзува инаку, повторно за јавноста, ова е повторно анти-ЕУ политика, затоа што гласавте и по ова со Палестина, и по ова за Куба, надвор од кампот со Брисел. Вие гласате надвор од кампот со Брисел и ја оддалечувате Македонија од европските позиции. Трета работа, втора година по ред Народна Република Кина ни го продолжува безвизниот режим, вие немате реципроцитет. Да е тука министерот за култура и туризам можеби и да поразговараме со него дека Кина е број еден пазарот во генерирање на профит за туристи кои одат од Кина во други држави. Во Европа на континентот се држава која генерира најмногу профит за државите во кои доаѓаат нивните туристи. Албанија го прифати безвизниот режим и полека Еди Рама станува огледало на се што тоа вие не сте и не сакате да направите, а тој го прави во поглед на доброто на неговата држава. Албанија воведе безвизен режим со Кина и се приближува кон Европската Унија. Вие не воведувате и се оддалечувате од Европската Унија. Вие сте огледало спротивно на тоа што прави нашиот западен комшија во поглед на нивните национални интереси, кои вие очигледно не можете ни да ги лоцирате, а не да ги одбраните. И за Кина, нормално, се врзува последниот инцидент со Тајван. Вие веројатно знаете дека единствените две држави на континентот во Европа кои некогаш го признале Тајван се Ватикан и Македонија. Тоа треба јавноста да го знае, тоа смешно звучи. Ватикан и Македонија. И повторно се враќате на ватиканските политики, очигледно, како што гледам. И на крајот сакам да сумираме со една најбитна работа, а тоа дека вие морате да се изразите, да јасно пред јавноста да кажете, САД или Европа. Во доба на најголемата криза на трансатлантските односи, со излегувањето на новата Национална стратегија за безбедност на администрацијата на Трамп. Ова вие многу добро го знаете за што зборувам, кој е таков дисконтинуитет со се што било официјална политика на америчките администрации до сега, дури дисконтинуитет со Националната стратегија на Трамп од 2017-та ако се сеќавате, Америка експлицитно повикува на култивирање на отвор кон европската траекторија во европските земји. Тоа значи дека Америка поттикнува директен интервенционизам во европските политики.

Дали ги слушнавте изјавите на Мерц, кои се совпаѓаат со изјавите на европскиот комесар за одбрана од Литванија, кои велат дека овој документ веќе експлицитно ни кажува дека Европа мора да најде своја гео-политичка и одбранбена независност. Дали ви значат нешто изјавите на високите дипломати од Франција, кои велат дека европските земји на еден или на друг начин ќе мораат да најдат културолошки модус како да го соџвакаат одделувањето на Европа од САД. Што правите вие? Во период кога САД е толку непредвидлив партнер за неговите блиски сојузници, во изминатите 70 години, што барате вие приближувајќи се до САД. Вие ја оделувате Македонија од европската траса. Ние сме во дисконтинуитет со нивните гласања во Обединетите Нации. Извештаите на Европската Унија вашата Влада ги нарекува извештајчиња и во најкризните времиња за трансатлантските односи, вие заземете страна на САД. Тоа оваа држава не може да си го дозволи. Не може да си дозволи експерименти во кои вие не воведувате. Затоа што ние сме географски на европскиот континент, а економски и дипломатски поврзани со Европската Унија. И затоа моето прашање, почитуван заменик министере, каде плови овој брод?

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија

О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Амар Мециновиќ, поставено на 76-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 16 декември 2025 година заменик министерот за надворешни работи. Зоран Димитровски: Почитуван пратеник, почитувани пратеници, ви благодарам на прашањето и на оваа поширока експликација за вашето видување на геополитиката. Се разбира вашиот став не мора да биде релевантен за општото јавно мислење, не само во Република Македонија, туку и во Европа и во светот, но еве да тргнеме по ред. Прашањето ви беше многу општо, во смисла на тоа каде плови овој брод. Ако можам да го интерпретираме каде е насочена македонската надворешна политика, односно каде Владата на Република Македонија ја насочува државата. Значи можам да ви одговорам и кратко, можам да ви одговорам и подолго, се надевам имам пет минути само, ќе се обидам на кратко да ги забележам, да ви одговорам на сите овие потпрашања што ги поставивте. Прво и основно главните стратешки приоритети на државата и тоа го знаат најголемиот дел од граѓаните на Република Македонија, се зачленувањето во Европската Унија, стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави и продолжување на нашето партнерство во НАТО Алијансата. Вие споменавте дека постои некаков јаз помеѓу Соединетите Американски Држави и Европа кога станува збор за клучните прашања во контекст на позиционирањето на Европската Унија на геополитички план, односно Соединетите Американски Држави. Станува збор, пред се, за она што го споменавте во контекст на Стратегијата на Соединетите Американски Држави, односно последниот документ кој произлезе од Белата Куќа. Ако таму добро читате ќе забележите дека токму она што Соединетите Американски Држави го имаат потпишано како стратешко партнерство со одделни земји, како што е да речеме и Република Македонија е една од нив, тоа пред се ќе се заснова на, нормално, интересите на Соединетите Американски Држави. Интересите на Соединетите Американски Држави во последниот период се воспоставување на мир во светот, ако гледате, пред се мир во војната во Украина, нешто што одредени центри во светот не можат очигледно да ги разберат и интересите на Соединетите Американски Држави на Балканот, да речеме, иако можеби не се експлицитно наведени во таа стратегија, се ова да биде исто така зона на мирот, значи на решавање на клучните безбедносни прашања, заради економски просперитет. И пред се, јас тоа го разбирам сосема оправдано и од Белата Куќа што доаѓа, е економските интереси на Соединетите Американски Држави да бидат заштитени. Но тие не се во колизија, туку се напротив во согласност и со интересите на сите земји на Балканот. Значи, првата и основна работа е воспоставување на мир во Европа, да продолжат мировните процеси и она што се одвиваше на Балканот, војните во 90-тите години сите тие да бидат разрешени на начин што ќе имаме мир и соработка на земјите од регионот и од тој аспект гледано ние сме унисони во таа политика со Соединетите Американски Држави. Дали таа политика се разликува од политиката на Европа кон Балканот? Се разбира дека не се разликува, затоа што Европа исто така, Европската Унија исто така има намера, односно има интерес да владее мир на Балканот и Балканот да се интегрира. Земјите од Западен Балкан, овие шест што останаа, да се интегрираат во Европската Унија. И тука воопшто немаме разлика помеѓу Европската Унија и Балканот. Други се геополитичките прашања за кои што вие зборувате каде што Европа евентуално се разликува, администрацијата на Трамп се разликува од некои политики на Брисел. Но, не е наше како мала земја да ги решаваме светските проблеми, светските геополитички проблеми. Наше е да се грижиме за нашите интереси и нашите цели како држава да ги поставуваме и да бидат тие во согласност со нашите партнери Соединетите Американски Држави и Европската Унија. Споменавте неколку прашања како Палестина, Кина, итн.

Сите пратенички прашања