Најважно
352 вести · 24 ч.
Берово 6°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Ајдари прашува за правичната застапеност, премиерот ја брани одлуката за Балансерот

Резиме

Пратеничката Рина Ајдари праша како Владата ќе обезбеди правична застапеност во вработувањето и напредувањето, откако, според неа, е отстранет Балансерот, а предлог-законот за правична застапеност нема обврзувачки одредби и казни. Таа ги оцени како дискриминаторски наводните нерамномерни вработувања и посочи дека седум лица биле отстранети од работа во Министерството за односи меѓу заедниците.

Премиерот одговори дека не е точно оти сегашната Влада го избришала Балансерот: според него, претходната влада, во која учествувала ДУИ, донела одлука да се препорача негово отстранување. Тој рече дека Венецијанската комисија дала позитивна препорака за законот, се изјасни дека е претседател на сите граѓани и ги отфрли обвинувањата на Ајдари. За нејзините наводи за вработувањата и отстранетите вработени не даде конкретен одговор, туку рече дека засегнатите можат да побараат правда преку институциите и судовите.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Рина Ајдари

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Рина Ајдари, поставено на 78-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 25 декември 2025 година Пратеничкото прашање гласи: Господине премиер, новиот закон, т.н. или познат во јавноста како Законот на Каракамишева, кој што се очекува да дојде во Собранието, за правично застапување, нема никаква правна тежина и на прв поглед се гледа како закон кој што е поднесен од некое граѓанско општество, а не од тоа што е презентирани од ВЛЕН долго време. На првата седница на оваа Влада, ВМРО ДПМНЕ имајќи во предвид и во нивната Програма го тргна механизмот кој што беше познат како Балансер, кој што обезбедуваше правична застапеност на сите етникуми во институциите на Република Северна Македонија. Речиси две годни каде што функционираме без никаков закон, кој што ги штити Албанците и другите етникуми во унапредување во вработувањето на постоечките позиции. Ги гледаме конкурсите каде што се скандалозни и се вработуваат само Македонци и не се почитува етникумот според процентот. И гледаме каде што имаше вработувања 100 со 1 или 70 со нула. Конкурсот за нови офицери се примени 45, само еден Албанец. Овие дејствија не вознемируваат, како Министерството за одбрана во овој случај и другите институции ќе обезбедат правична застапеност и поголема застапеност. Скандалот за да биде уште поголем во Министерството за односи помеѓу заедниците, клучна институција за спроведување на Охридскиот договор пред неколку дена министерот Стоиљкович отстранил од работа седум вработени, додека другите се плашат, може да ги очекува ова во идните денови. Значи ова е чиста дискриминација и ниту еден од претставниците на ВЛЕН или од Владата не го подигна гласот за овие вознемирувачки настани. Со новиот закон тоа што сме го виделе, сме постигнале да го обезбедиме, нигде нема да има должност да се спроведуваат овие обврски. Кај сите членови се споменуваат зборовите почит, ориентација, значи непочитувањето на законот, само ќе биде регистрирано. Исто така, ова ќе биде во зависност од волјата на администрацијата или од владините функционери и од ВЛЕН уште еднаш покажаа дека не се способни да направат една работа како што треба. Овој закон кој што е многу значаен за Албанците и за другите и овој закон беше ставен во рацете на госпоѓа Каракамишева, која што во јавноста е позната како националист против Албанците. Како премиер на оваа држава имавте јавни настапи каде што вие рековте дека ќе ги почитувате сите етникуми во државата, но со вакви дејствија кои што се документирани од формирање на оваа Влада и со содржината на овој закон, како што сме виделе, жал ми да кажам, но се покажува спротивното. Господине премиер, како мислите дека ќе бидете правичен и еднаков пред очите на сите граѓани каде што вие сте го тргнале единствениот елемент за правична застапеност, како што е во овој случај, вработувањето во институциите. Секогаш почитувајќи ја меритократијата. Се дискутираше многу дека вработувањата ќе бидат според политичката волја, но знаеме со какви бројки функционира Владата за каква политичка волја станува збор. Политичката волја само на ВМРО ДПМНЕ или само на македонската страна и како може да биде донесен еден толку значаен закон каде што нема казнени одредби ако не се почитуваат. Како ќе бидат граѓаните еднакви каде што никој нема да ги заштити. Ниту овој закон кој што се нарекува За правична застапеност.Зошто Балансерот беше трн во око на сите и значи од почетокот на вашата работа вие сте го тргнале тој елемент кој што гарантираше правична застапеност за вработување на граѓаните. И мислевте да бидете перципиран во очите на граѓаните како еднаков поддржувајќи такви закони, каде што има многу нејасности во овие работи кои се многу чувствителни за граѓаните и многу сентиментални истовремено.

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Претседател на Владата на Република Северна Македонија

О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Рина Ајдари, поставено на 78-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 25 декември 2025 година Благодарам претседателе. Почитувана Ајдари, ќе се обидам да бидам што е можно пократок за да биде појасно тоа што ќе го кажам. Не е точно и не е вистина дека со доаѓањето на оваа Влада е избришан инструментот Балансер. Вистината е дека Владата во која беше ДУИ, а потпретседател или прв потпретседател Артан Груби, на седница донесе одлука на која што го брише и дава мислење дека треба да се избрише инструментот Балансер. Истото тоа понатаму е содржано во скрининг Извештајот на Европската Унија. Тоа е вистината и треба сите граѓани во цела држава, без рзлика на етничката припадност да ја знаат вистината. Бидејќи тие заслужуваат да ја знаат вистината. Во ред се овие зарилсови, политички говори, но тоа не е вистина. Вистината е дека Балансерот препорачува да биде избришан и биде тргнат, Владата во која што прв вицепремиер и прв потпретседател на Владата е господинот Артан Груби, вие како ДУИ на пауза од играњето фудбалчиња во кабинети и баскет, одлучувате заедно со тогашните ваши коалициони партнери, да препорачате да се избрише оваа алатка Балансер. А Одлуката на Уставниот суд, јас нема да ја коментирам, бидејќи одлуки на Уставен суд не се коментираат. Но, идеме понатаму. Втората теза околу Законот за правична застапеност. Јас сум информиран дека Венецијанската комисија даде позитивна препорака за овој Закон. Одлуките на Венецијанската комисија според новата Методологија на пристапување и преговарање по кластери, а побарана од страна на Франција, тогаш во таа 2018-2019 година, се одлуки кои што не се коментираат, туку се спроведуваат, затоа што се дел од пристапниот процес кон Европската Унија. Од една страна зборуваме за Европска Унија, за членство во Европската Унија, за полноправно членство, а од друга страна велите дека Законот бил ваков, Законот бил таков и слично. Еве, да ви помогнам, Венецијанската комисија има дадено позитивна препорака за усвојување на овој Закон. Дали тој вас ви се допаѓа или не ви се допаѓа, јас нема да навлегувам во таа дискусија со која што ќе овозможам да вие добивате вештачко дишење како политичка опција и да опстоите на политичката цена. Бидејќи доживеавте дебакал не така одамна се овие пораки и тогаш сето тоа ви изгледаше смешно, и саркастично, итн, но гласачите си го кажаа своето на изборите и од кога го кажаа тоа, наместо да извлечете поука, вие континуирано продолжувате така да се однесувате, мислејќи дека не тој начин ќе привлечете внимание и од гласачите и од јавноста. Јас нема да навлегувам во етнички поделби бидејќи не е тоа дел од мојот карактера. Впрочем сум го кажал тоа многу пати во минатото, ќе го повторам, како претседател на Владата јас сум претседател на сите граѓани без разлика на политичката и етничката или верската поделба. И така се однесувам и така ќе продолжам да се однесувам, бидејќи мене ми е тоа важно. Дали ќе го добијам вашето почитување, тоа е ваша одлука. Но, сакам да ви кажам дека испраќање невистини во јавноста, злоупотребувајќи ја говорницата, нема да ви донесе дополнителни политички поени, мислам дека дополнително ќе ви одземе и дополнително ќе продолжите да одите во негативна насока. Тоа не е добро за вас, но вие тоа најдобро си го знаете. Што се однесува до останатите тези кои што овде ги изнесовте, јас повторно не би имал што да коментирам, вработувале Македонци, не вработувале Албанци, не знам што и не знам како. Нема да навлегувам во тој дел, затоа што повторно ќе дозволам да бидам поинаку испинуван од страна на луѓето кои што во позадина треба да објавуваат рилсови од вашиот политички говор кој што целосно беше невистинит и неточен. Тотално невистинит и неточен затоа што се што кажавте е невистина. Чесно и доблесно ќе беше да излезете и да се извинете пред граѓаните и да кажете, ние од името на ДУИ се извинуваме што за време на владина седница, кога бевме Влада, донесовме Одлука со која што препорачавме да се избрише алатката Балансер. И чесно и доблесно ќе беше да кажете дека сите оние судии во Уставниот суд кои што ја донесоа таа Одлука се уставни судии, кои што се избирани од претходното владино мнозинство на СДСМ и Демократската унија за интеграција, или се предлог на поранешниот претседател на државата на господинот Пендаровски. Ова е вистината и ова е вистината што сите, почитувани граѓани треба да ја знаат. Се останато е невистина и обид за груба политичка манипулација. Јас сум апсолутно свесен кога излеговте на говорница и кога го спомнавте потпретседателот Стоиљковиќ, која е вашата вистинска намера, но истовремено сакам да ви кажам дека како Влада нема да толерираме злоупотреба на канцелариите за спортски активности во форма на жонглирање со фудбалчиња, играње баскет или пак поставување на јога душеци, кревети, преноќување во истите и да не кажам уште што вршење во истите тие канцеларии, констатирано од страна на Министерството за внатрешни работи. Еве јас нема да идам чекор понатаму и нема понатаму ништо да зборувам, за да не бидам погрешно сфатен. Но, тоа што го споменавте, јас би се засрамил да сум на ваше место, дама сте, да браните такви луѓе. Јас би се засрамил. После тоа што се правеле таму. Ова ви го кажувам најодговорно и за тоа постои полициски записник. И нормално за разлика од порано, ова е демократска земја во која што владее правото, секој оној кој што се чувствува дека е оштетен, нанесена му е повреда на правото, чувствува дека заслужува повеќе, има институции. Има институт кој што се вика Право на жалба, има судови, секој оној кој што мисли дека не ја добил заслужената правда може слободно истата да ја побара на истите оние судии кои што во најголем дел беа поставувани од како беа договорени во тефтерчињата на две локации, едната во близина на Тетово, другата во Скопје. Можат слободно сите тие за кои што зборувате да бараат правда. Така да, да сумирам. Еве една минута пред да ми истече времето. Невистина е тоа што ми кажавте околу балансерот. Зошто? Затоа што вашата Влада во која што вие бевте дел, во која што прв вице премиер беше Артан Груби, во која што ДУИ беше силен коалиционен партнер. Донесе одлука да се избрише балансерот како алатка, бидејќи го надминал своето време. И второ, Уставниот суд во кој што денеска седат да судии избрани од претходното мнозинство на ДУИ и СДСМ. Донесе одлука како што донесе која што вие коментирате и не вистинито кажувате овдека на говорницата дека тоа било одлука на оваа Влада. Тоа не е точно. Тоа е невистина. И јас ве замолувам кога ќе излезете сега кога ќе дадете коментар на ова што јас го зборувам. Да им се извините пред се на гласачите Албанци затоа што се обидувате во континуитет да ги манипулирате и да не ја говорите вистината. Благодарам.

Сите пратенички прашања