О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Емилија Ангелова, поставено на 78-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 25 декември 2025 година Благодарам претседателе. Почитувана пратеничке, третото прашање се однесува на очекувањата, за идната работа на идниот јавен обвинител кој што вие пратениците тука треба да го изберете бидејќи сега имате таму вршител на должност. Од она кое што сум избрифиран од страна на правниот тим е дека процедурата треба да трае не повеќе од 1 и пол до 2 месеци, додека да дојде на дневен ред изборот на новиот јавен обвинител. Како резултат на новиот тек на Законот за јавно обвинителство усвоен од страна на претходната Влада која што имаше мнозинство СДСМ и ДУИ ќе се сетите назад ако се вратиме кога имаше едно гласање кога немаше, бидејќи е двотретински овој закон, кога имаше гласање со 74 пратеници, па тогашниот претседател или спикер претседавач на Собранието го поништуваше па велеше ај пак да гласаме итн. малку имаше какафонија тогаш. Но како и да е тој закон тогаш се изгласа и се дефинираат критериумите на избор на јавен обвинител дека тој доаѓа, дека мора да биде или јавен обвинител или судија кривичар кој што има најмалку 10 години искуство и дека се тоа двата основни критериуми со што се забрани можноста истакнати правници, професори и адвокати итн. да можат да учествуваат на тој конкурс и да бидат бирани од страна на вас пратениците овде во Собранието. Но како и да е очекувам во рамките на овој период да се избере јавен обвинител и тој јавен обвинител да се зафати со темелна и напорна работа многу го чека. Во неформален разговор со колегите во Владата и институциите можам да кажам дека во овие година и половина повеќе или помалку обесхрабрувачки за сите нас имаше една појава во која институциите поднесуваат кривични пријави, а обвинителството молчи и ако направите еден разговор со сите институции и со членовите на Владата ќе видите дека станува можеби за неколку стотици такви случаи. Ние тоа што сме добро воспитани и не правиме естрада или не со обидуваме да правиме упад во домови наутро, пред децата на осомничените и слично, под превезот на истрага, да снимаме со камери како што тоа беше некогаш, тоа не значи дека не се поднесени тие поднесоци и логично е што граѓаните често пати и негодуваат. Велат, чекајте, па нели вие велевте дека овие се криминалци, лопови и така натаму, зошто гледаме слаба реализација на сето тоа. И јас тоа го разбирам. И во право се граѓаните. Но, сакам да кажам дека повеќе стотици такви предмети и пријави стојат во нечии фиоки во Обвинителството. И се надевам дека, кој и да биде Јавен обвинител во иднина, ќе се позанимава многу подетално и многу повеќе, бидејќи тој е суштинска реформа, не е суштинска реформа повисока плата, повисок буџет за обвинителите, за судиите и така натаму. Суштинска реформа е борбата за правда. Народот е жеден и гладен за правда и сака да види вистинска борба. Ние како влада не сме судска власт, не сме обвинителите. Ние можеме да доставиме пријава. Од тој момент па натаму, обвинителите и судиите се тие што обвинуваат и тие што судат. Така што ова треба да биде прва и основна задача на Јавниот обвинител, да ја врати довербата во институцијата Јавно обвинителство, а потоа во процеси, се разбира, довербата и во судовите, затоа што, немате вие успех на ниту едно поле, ако немате силна правна држава. Ако имате силна правна држава, ќе имате и инвестиции. Ако имате инвестиции, ќе имате силна економија, работни места, добро платени работни места и така натаму. Ова е многу важно за периодот кој што следи, бидејќи голем дел од законите коишто се дел од реформската агенда, поврзани со интегрирањето на земјава во рамките на Европската Унија ќе бидат пред вас. Дел од нив го поминале оној филтер на Венецијанската комисија. Еден е таков Законот за судски совет кој што е веќе влезен во собраниска процедура и очекувам до крајот на годината или следната година, или веќе не знам како е според распоредот на седниците, тоа најдобро знае претседателот на Собранието, да во една плодна дебата се донесе овој Закон. Потоа ќе се најдат Законот за совет на јавните обвинители, потоа ќе се најде Законот за судски совет, Законот за јавнообвинителска служба, за судска служба, отприлика еден сет од закони ко што очекувам во јануари месец да се најдат овдека во Собранието за да можете вие да одлучувате за тие реформи во правосудството, кои што го имаат поминато оној филтер на Венецијанската комисија. Дел од тие закони очекувам да ги поминеме и на следната владина седница во вторник, се разбира доколку се готови. Дел ќе ги поминеме веќе на почетокот на јануари, така што, тие реформи се многу потребни. Кога сме кај правосудството, кај Јавното обвинителство и кај судовите, сакам да напоменам дека како Влада јавно кажавме, ќе повторам еве и овде, дека се сложуваме со барањето на јавните обвинители и на судиите. Плановите за вработување и унапредување да ги одобрува Советот на јавни обвинители и Судски совет, а Владата, односно Министерството за финансии да биде само информирано. Немаме тука никаков проблем со обвинителите и со судиите. И таква задача доби Министерството за правда, да изготви таков Предлог закон за измени на Законот, ко што би се нашол, што се вели, ургентно пред пратениците. Исто така, дадовме насока да се направи мапирање на потребите на судовите и на јавните обвинителства за вработени кои што се дел од службата, ИТ експерти, сметководители, технички асистенти и така натаму. И врз основа на тоа мапирање, ние како влада да обезбедиме средства со Буџетот, да дополниме со Ребалансот и тие да бидат пополнети и чекаме сега еден таков документ. Значи, сето она кое што тие го бараат од нас, ние го направивме, иако јас водев една жестока јавна дебата, посебно во делот на буџетите кои што ги имаат обвинителствата и судовите. И видовме дека се многу подобри процентуално од бруто домашниот производ или по глава на жител од голем дел од европските земји и поголеми се од просекот кој што го имаат земјите членки на Европската Унија. Понатаму, се сеќавате на онаа шверцерска акција под превезот на реформската агенда, а поврзана со европските интеграции на државата кога се злоупотреби европското знаме и во Кривичниот законик се избришаа многу членови, меѓу кои и членот 353, став 5. И се променија, видоизменија за да се обезбеди политичка амнестија на голем дел од функционерите на претходната влада, во заминување тогаш беа. Првата работа која што ја направија и која што најбитна им беше тогаш да го изменат тој Кривичен законик. Ние го донесовме еве истиот. И одма ќе кажам во јавноста, ако не прозиваат, еве сега вие го донесовте, ајде судете ги, не можеме. Зошто?
Затоа што овие фини господа ќе се повикуваат во судски процес на оној Закон кој што за нив е поповолен, а поповолен е оној кој што тие си го донесоа за да си обезбедат политичка амнестија. Сега гледаме излегуваат и критикуваат, ќе имало можности за условни казни, па мали биле казните. Не. Направете компаративна анализа. Не газиме на трула штица, направете компаративна анализа, ќе видите дека сме повторно поригорозни од сите земји во регионот.