
Сања Лукаревска
ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Сања Лукаревска, поставено на 78-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 25 декември 2025 година Пратеничкото прашање гласи: Бидејќи специјалитет на оваа Влада е да се повикува на претходната, сакам да ви олеснам и да ве потсетам дека во ноември 2018 година, Владата предводена од СДСМ промовираше План за чист воздух како стратешки документ за 2019 година, со јасно изразена политичка волја за намалување на аерозагадувањето, спроведување на мерките да се одвива преку еден интегриран и координиран пристап, отвореност на Владата и на државните институции за партнерски однос со граѓанските организации, деловните компании и меѓународните организации. Исто така, овој План предвиде за прв пат, посебни буџетски средства исклучиво за намалување на аерозагадувањето. Планот за чист воздух опфати мерки за намалување на аерозагадувањето во Скопје до 50% и приближно толку и за останатите градови во државава со исклучително загаден воздух. Овој План за чист воздух во својот извештај во 2019 година го нотираше и Европската комисија поздравувајќи го конечно донесувањето на таков документ. Тогаш Амбасадата на Шведска во Босна и Херцеговина ги повика властите во Сараево да го видат Планот за чист воздух што е донесен во Македонија. Дали го виделе, не знам. Повеќе ме засега дали нашата актуелна Влада го видела. Да, потребни се години за да се намали аерозагадувањето, но токму овој План беше темелот на сето тоа. И за да се остави впечаток дека е проширено и надградено, оваа Влада меѓу приоритетните програмски определби во областа на заштитата на животната средина наведува и План за обезбедување на чист воздух за сите. На хартија со леснотија се напишани уште неколку приоритети. Заштитата на животната средина е начин како да ја заштитиме иднината на Македонија. Еколошките предизвици со кои се соочуваме како држава нѐ поврзуваа со реалните предизвици насекаде во светот. Нашата визија е да создадеме услови за индустријата да создава еколошки производи со мал отпечаток на загадување и со зголемена додадена вредност. Понатаму, исто во Програмата за работа на Владата, ќе се формира фонд за животна средина кој ќе поддржува посебни програми за поддршка на стар ап компании, иновации кои ќе работат на проекции за помало загадување, намалување на последиците од загадувањето или решенија без загадување на животната средина. Владата ќе воспостави механизми за формирање на централно инспекциско тело со ингеренции на сите нивоа надлежно за справување со загадување на животната средина и со отпадот. Но реалноста ја отапе острицата и на лесно напишаните зборови. Дебатирајќи за буџетите 2025 и 2026 година, како и за ребалансите секаде имаме кратење на средства токму за овој специфичен ресор и ова ресорно Министерство. Во ребалансот на Буџетот за 2025 година, заштита на животната средина како функција на државата има евидентно намалување на буџетските средства за 13,4% во износ од 868 милиони денари помалку, следувајќи со 6,4 милијарди на околу 5,6 милијарди денари за фискална година. Најголемата промена е во ставката намалување на загадувањето, каде што првично планираните 3,2 милијарди денари се сведуваат на 2,6 милијарди денари, што претставува околу 20% намален Буџет, а во однос на претходната година истиот е планирано да се намали за 48,2. Тоа се скоро 50%.
Исто така во структурата на Буџетот за 2026 година имаме намалување од 14,1% или во износ 727 милиони денари помалку од Ребалансот за 2025 година, или 1,2 милијарди денари споредено со Буџетот за 2025 година помалку. Несвојствено е да се кратат средства за области кои се рак рана на општеството. Како ќе се справиме со загадувањето, кој ќе биде третманот на отпадни води, како ќе ја заштитиме природата, каков квалитет на воздух ќе имаме, како ќе се зајакне надзорната функција на државниот инспекторат на труд и како ќе се унапредува животната средина. Не се доволни само препораките за ослободување од работни обврски на ризични групи и сите полека влегуваме во таа група, справувајќи се со последиците, но не се причините. Моето прашање до Вас е, кои конкретни мерки ги преземате како Влада, односно како ресорно Министерство во борбата против аерозагадувањето, имајќи го во предвид фактот дека од година во година, со секој Буџет и Ребаланс на Буџет ги намалувате средствата за справување со овој огромен проблем. Прашањето го поставувам до министерот за животна срдина и просторно планирање.