Најважно
353 вести · 24 ч.
Берово 6°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Мојсоска праша кога ќе биде достапен Фактор 8 за лицата со хемофилија

Резиме

Јована Мојсоска праша кога најдоцна лицата со хемофилија ќе го добијат лекот Фактор 8 и кој ќе сноси одговорност ако им се влоши здравствената состојба. Таа тврдеше дека по раскинувањето на тендерот има рестрикции и дека пациентите подолго време добиваат помала количина од потребната, а изрази и сомнеж за причините за доцнењето.

Заменик-министерот за здравство негираше дека станува збор за тендерски шеми. Тој рече дека договорот со добавувачот бил раскинат бидејќи не ја доставил договорената количина, дека пациентите имаат на располагање заменски лек и дека е договорена донација, која треба да пристигне до крајот на неделата. Најави и дека најдоцна следниот ден ќе биде распишана нова набавка.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Јована Мојсоска

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Јована Мојсоска, поставено на 81-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 21 јануари 2026 година Пратеничкото прашање гласи: Моето прво пратеничко прашање е до министерот за здравство Азир Алиу. Имено се работи за еден проблем кој се пролонгира веќе 6 месеци, односно се доцни со тендерот за набавка на лекот Фактор 8 за лицата со хемофилија. Јас тука ќе пренесам едно лично сведоштво на пациент со хемофилија, кој за да може нормално да функционира мора да прима 30 илјади единици од овој лек секој месец. Но, според неговите информации од мај минатата година поради раскинување на тендерот воведени се рестрикции за овој лек поради што пациентот наместо потребните 30 илјади единици моментално прима само 5 илјади единици месечно. Да појаснам колку е алармантна оваа ситуација и опасна по здравјето за овие лица кои страдаат од хемофилија. Со оваа рестрикција на доза лицето со хемофилија е буквално врзано за кревет повеќе од 6 месеци затоа што не може да врши никакви базични работи кои се потребни за нормално функционирање. Буквално пациентот не може ниту кола да вози. И сигурна сум дека ова не е само еден пациент на кого сериозно му е загрозено здравјето. Очигледно поради неодговорност и немарност на одговорните лица во институциите. Верувам дека и министерот ќе се согласи дека и само еден живот и само еден пациент да биде доведен во прашање државата е должна да обезбеди достоинствен живот, а не живот врзан за кревет поради бирократски процедури или можеби поради некои преговори за провизии од тендери. Затоа што ако за оваа држава не скапо да распишува тендери за авокадо и аспарагуси, тогаш ништо не може да биде поскапо од човековиот живот. Ваквите рестрикции во дистрибуцијата на овој лек укажува дека оваа држава само на хартија го гарантира правото на здрав живот затоа што кај нас само постојано се штеди само на најранливите и најзагрозените категории. Дека се работи за една алармантна ситуација во здравството е доволно фактот дека за прв пат лица со хемофилија се оставени 6 месеци да го чекаат овој лек. Ова не е моја констатација, туку ова е констатација на лицата со хемофилија кои со години редовно го примаат овој лек. Претходно исто поради бирократски процедури помеѓу распишување на стар и нов тендер овој лек Фактор 8 доцнел, но тоа никогаш не било повеќе од 2 месеци. Значи наместо унапредување на здравствените услуги факт е дека моментално со оваа Влада ние имаме деградирање на и онака руинираното државно здравство. И бидејќи сега одговорноста не може да се крие само позади системот и позади бирократијата затоа што таа бирократија и тој систем 35 години се креира во овој Законодавен дом дајте да лоцираме каде е одговорноста. Со Институтот за трансфузиона медицина раководи директорот Амир Елези кој е поставен од оваа владејачка коалиција Министерот во интервју потврди дека е во комуникација со директорот и дека лекот ќе биде набавен. Јас се надевам дека министерот е во комуникација со директорот затоа што од информациите кои што ги имам јас од вработени доктори во овој институт директорот воопшто не бил расположен да ги прими докторите од установата кои барале постојано средба со него за да му укажат за алармантната состојба со недостигот на овој лек. Левица од оваа говорница и претходно го спореше изборот на овој директор затоа што Законот за безбедност во снабдување со крв предвидува во член 7 дека за директор на оваа институција може да се постави специјалист трансфузиолог кој има најмалку две години работно искуство во областа. Директорот Елези не е трансфузиолог, а очигледно не е ни менаџер како што сака да се претставува пред вработените затоа што за прв пат во неговото директорување доцни лек повеќе од пола година. Моето конкретно прашање до министерот за здравство е кога точно, односно кога најдоцна лицата со хемофилија ќе го добијат овој лек и чија ќе биде одговорноста доколку здравствената состојба на овие лица се влоши затоа што се принудени да лежат во кревет, очигледно поради некој тендер крими на директорите.

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Министерство за здравство

О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Јована Мојсоска, поставено на 81-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 21 јануари 2026 година Заменик министерот за здравство Благодарам претседателе. Благодарам на почитуваната пратеничка за поставеното прашање. Сакам да ја уверам дека нема никакви како што она ги нарече тендер шеми, туку работата е многу проста. Станува збор за добавувач кој што си ја добил набавката и со обврзал да ја достави одредена количина. Количината тој во рок на траење на договорот не успеал да ја достави и затоа договорот е раскинат. Но во меѓувреме стручните служби и стручњаците и професорите утврдија дека постои заменски лек. Ние тој заменки лек го набавивме и им се нуди на пациентите, прво. Второ, во меѓувреме договорено е и донација за истиот лек. Таа треба да стаса до крајот на неделава, а и последно колку да сте информирани вчера, денес, најкасно утре ќе биде распишана нова набавка од страна на Трансфузиологија за истиот лек. Така да можат да бидат спокојни пациентите лекот ќе го има. Благодарам.

Сите пратенички прашања