
Јована Мојсоска
ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Јована Мојсоска, поставено на 81-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 21 јануари 2026 година Пратеничкото прашање гласи: Моето второ прашање е до министерот за економија и се однесува за едно негово ветување дадено уште минатата година со кое најави измени на Законот за угостителска дејност. Односно после незамисливата трагедија во Кочани еден од клучните системски пропусти за работата на дискотеката на смртта беше лоциран токму во недореченостите во Законот за угостителска дејност. Тогаш условно конечно беше откриено дека со катастрофални измени на законот од 2008 година клучниот документ за добивање на лиценца за дискотеката која се однесува на исполнување на технички услови на еден објект како што се излези, заштита од пожари, вентилација и се останато. Токму овој документ го пополнува самиот барател. Апсурдот во ова законско решение е во тоа што никој не проверува на терен пред да ја издаде, за точноста на податоците во оваа изјава. Едноставно одговара само сопственикот на дискотеката со даден збор под полна, материјална и кривична одговорност. Тоа значи дека државата целосно му верува на сопственикот без никаква претходно проверка по службена должност. Или да парафразирам тоа е како да ви регистрираат кола само со изјава ваша дека колата е технички исправна. И ревизорите во Извештајот за 2024 година за Министерство за економија и труд констатира дека издавањето на лиценци за угостителски објекти е единствено врз основа на доставена потврда без да има законска обврска за задолжителна проверка на исполнување на минималните технички услови од страна на надлежните институции. Уште од мај минатата година директорот на Пазарен инспекторат што никако не сакате да го разрешите најави дека се подготвува нов Закон за угостителска дејност во кој ќе бидат предвидени задолжителни одредби за контрола и кривична одговорност доколку некој несовесно врши угостителска дејност. Вакви изјави дека ќе има промени на законот доаѓа и од премиерот Мицкоски кој самиот тврдеше дека жали што не може да го врати времето и да го коригира овој лош закон. Впрочем чии катастрофални измени за добивање лиценца со обична изјава беа донесени од тогашната Влада на ВМРО во 2008 година. да резимирам се ближи година од најголемата трагедија во поновата историја на Македонија иако беше многу кажувано за системски рестарт факт е дека 10 месеци после трагедијата ако некој угостител сака да добие лиценца денес тоа тој ќе го направи преку истиот Закон за угостителска дејност кој беше во правна сила кога се случи трагедијата во Кочани. Јасно е дека позади ваквото лошо законско решение стојат профит интереси на одредени моќници од угостителскиот сектор кои често се блиски до самата власт. За концентрацијата на моќ и влијание во овие бизнис кругови говори и фактот што дури после трагедијата во Кочани се разбудија инспекциите и констатираа дека во главниот град нема ниту еден објект со валидна лиценца за кабаре или диско клуб кој впрочем непречено функционирале со години и биле толерирани од сите надлежни институции. Вие министер Дурмиши на 25 март 2025 година изјавивте дека работна група веќе работи на измени на Законот за угостителска дејност каде вредноста на казните ќе се зголемат и ќе се предвиди забрана за работа по одземање на лиценците ако се утврди дека оние кои ги поседуваат не ги почитуваат законските одредби. Моето пратеничко прашање е дали до 25 март 2026 година, односно точно еве една година откако најавивте измени на Законот за угостителска дејност ние како пратеници ќе го добиеме тука изменетиот Закон за угостителска дејност со цел во иднина да спречиме, а да не констатираме системски трагедии кои за жал постојано ни се случуваа во минатото. Ви благодарам.