Најважно
352 вести · 24 ч.
Берово 6°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Министерството за култура ги наведува поддржаните јубилејни активности во 2025 година

Резиме

Пратеникот Сали Мурати побара од Министерството за култура и туризам информации за неговата улога во реализацијата на програмата за јубилејни годишнини за 2025 година, вклучително и за реализираните активности, монографиите и потрошените средства.

Министерството одговори дека не е задолжено за централизирана координација на програмата и нема посебен буџет за неа, туку ги поддржува проектите во рамки на редовните буџетски програми. Наведе поддржани јубилеи и монографии, како и конкретни активности во областа на културното наследство, со податоци за дел од нивните носители и финансиската поддршка. Посочи и дека кај точките со НУ Музеј на македонската борба како носител не биле реализирани активности.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Сали Мурати

До: Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Почитуван Претседател на Собранието,

Согласно член 72 од Уставот на Република Северна Македонија, член 15 од Законот за пратениците и член 38 и 39 од Деловникот на Собранието, го поставувам следново пратеничко прашање во врска со Програмата за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во 2025 година, објавена во Сл. весник на РСМ број 55 од 12.03.2025 година (страни 2-7), го поставувам следново пратеничко прашање до Министерството за култура на Република Северна Македонија:

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

1. УЛОГА НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА а) Каква е улогата на Министерството за култура во реализацијата на Програмата за одбележување јубилејни годишнини за 2025 година?

б) Дали Министерството за култура е назначено како координатор за реализацијата на Програмата? Доколку не, која е надлежната институција?

в) Кои активности од Програмата се директно во надлежност на Министерството за култура?

2. РЕАЛИЗИРАНИ АКТИВНОСТИ ВО НАДЛЕЖНОСТ НА МИНИСТЕРСТВОТО а) Колку од вкупно 103 јубилејни годишнини предвидени во Програмата се реализирани од установи и институции под надлежност на Министерството за култура?

б) Наведете детален преглед на активностите што се реализирани под раководство или координација на Министерството, со назначување на:

• Број на точката од Програмата; • Вид на активност; • Одговорна институција (музеј, културен центар, друго); • Датум на реализација; • Потрошени средства.

3. ИЗДАВАЊЕ МОНОГРАФИИ (Член 5)

Член 5 од Програмата јасно утврдува: „Во 2025 година ќе се изготват монографии за годишнините на личностите и настаните од член 1 на оваа програма.“ а) Колку монографии се издадени од страна на институциите под надлежност на Министерството за култура?

б) За кои точки од Програмата се издадени овие монографии?

в) Кои се издавачките куќи или институции што ги издадоа монографиите? г) Дали Министерството координира процесот на издавање монографии? Доколку да, преку кој механизам? д) Колкав е предвидениот буџет на Министерството за издавање монографии во рамките на оваа Програма?

4. БУЏЕТ И ФИНАНСИСКО ИЗВРШУВАЊЕ а) Колкави средства се предвидени во буџетот на Министерството за култура за 2025 година наменети за реализација на Програмата? б) Наведете распределба на средствата по: • Установи под надлежност на Министерството (музеи, библиотеки, културни центри); • Вид на активност (научни собири, изложби, монографии, концерти); • Точки од Програмата. в) Колку средства се потрошени до моментот? г) Дали е планирано дополнително финансирање за реализација на преостанатите активности?

5. КООРДИНАЦИЈА СО ДРУГИ ИНСТИТУЦИИ а) Со кои други министерства и институции Министерството за култура соработува за реализација на Програмата? б) Дали постои формирано меѓуинституционално тело или работна група за координација? Доколку да, кој е составот? в) Како Министерството ги координира активностите со општините и локалната самоуправа?

6. КУЛТУРНИ УСТАНОВИ И НИВНА УЛОГА а) Кои установи под надлежност на Министерството се директно вклучени во реализацијата на Програмата? (Музеј на Македонија, Национална установа Музеј на Македонската борба, Национална галерија, НУ Матица македонска, други) б) Колку активности реализираше секоја од овие установи поединечно? в) Дали установите подготвуваат посебни извештаи за реализираните активности? Доколку да, дали се јавно достапни?

7. ТРАНСПАРЕНТНОСТ И ИЗВЕСТУВАЊЕ а) Дали Министерството за култура има јавно достапна веб-страница или платформа каде граѓаните можат да ги следат реализираните јубилејни одбележувања? б) Дали Министерството објавува периодични извештаи за реализацијата на Програмата? в) Дали монографиите што се издаваат ќе бидат достапни во електронска форма? г) Дали Министерството планира да организира завршна манифестација или презентација на реализираните активности по завршувањето на Програмата?

8. ПРЕДИЗВИЦИ И ПЛАНОВИ а) Со какви предизвици се соочува Министерството во реализацијата на Програмата? б) Дали сите планирани активности ќе бидат реализирани до крајот на 2025 година? в) Каков е планот за активностите што не се реализирани до сега? г) Дали Министерството ќе поднесе извештај до Владата за реализацијата на Програмата? Доколку да, во кој рок?

Образложение: Министерството за култура, како ресорно министерство, игра клучна улога во реализацијата на Програмата за одбележување јубилејни годишнини. Поголемиот дел од установите што се вклучени во одбележувањата (музеи, галерии, културни центри, библиотеки) се директно под негова надлежност. Исто така, издавањето на монографии, предвидено со член 5 од Програмата, најчесто се реализира преку културните установи.

Имајќи предвид дека Програмата не предвидува конкретен координатор, важно е да се утврди улогата на Министерството за култура во севкупната реализација, како и степенот на исполнетост на обврските на установите под негова надлежност. Собраниската контрола бара јасни одговори за тоа како ресорното министерство ја извршува својата одговорност во реализацијата на оваа важна програма за негување на културното наследство и државната меморија.

Ве молам за детален и прецизен одговор во рок предвиден со Деловникот на Собранието. Со почит,

Скопје, 22.04.2025

Сали Мурати Пратеник во Собранието на Република Северна Македонија

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Министерство за култура и туризам

Република Северна Македонија Министерство за култура и туризам

02-919/1 29.01 2026

До Собранието на Република Северна Македонија Булевар „11 Октомври“ бр.10, 1000 Скопје

Предмет:Одговор на пратеничко прашање Врска: Пратеничко прашање заведено под арх.бр 08-435/2 од 22.01.2026 година

Почитувани,

Во врска со доставеното прашање под горенаведениот број и датум, поднесено од страна на пратеникот, г. Сали Мурат, Министерството за култура и туризам го дава следниот одговор:

Информација за поддршката и реализацијата на јубилејни годишнини, значајни настани, истакнати личности и монографски изданија во 2025 година

Еден од приоритетите на Министерството за култура и туризам е поддршката на проекти за одбележување на јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности од областа на културата и културното наследство.

Согласно член 6 од Програмата за одбележување на јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности за 2025 година, за одбележување на други значајни јубилеи и меѓународни денови се грижат надлежните органи на државната управа, културно-образовните и научните институции, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, како и други организации и здруженија, во согласност со критериумите утврдени во членовите 2 и 3 од Одлуката за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во Република Македонија.

Министерството за култура и туризам не е задолжено за централизирана координација на целокупната програма, ниту располага со посебен буџет за оваа намена. Министерството ги разгледува и финансиски ги поддржува проектите доставени од овластените носители, во рамки на своите редовни буџетски програми, доколку истите се во негова надлежност и во надлежност на установите од областа на културата.

I. Реализирани јубилејни проекти во 2025 година

Во текот на 2025 година, Министерството за култура и туризам поддржа реализација на следните проекти: • 75 години од основањето на НУ Албански театар – Скопје Носител: НУ Албански театар – Скопје Финансиска поддршка: 5.155.000 денари • 75 години од основањето на НУ Турски театар – Скопје Носител: НУ Турски театар – Скопје Финансиска поддршка: 2.500.000 денари • 120 години од раѓањето на Стефан Гајдов Носители: Сојуз на композиторите на Македонија (СОКОМ), Општина Велес • 100 години од раѓањето на Властимир Николовски Носители: МАНУ, СОКОМ, Факултет за музичка уметност – Скопје • 100 години од раѓањето на Кирил Македонски Носители: Национална опера и балет, СОКОМ Финансиска поддршка: 3.000.000 денари • 100 години од раѓањето на Пеце Атанасовски Носители: Општина Долнени, Општина Прилеп, Фестивал „Пеце Атанасовски“ – Долнени

2

Република Северна Македонија Министерство за култура и туризам

Финансиска поддршка: 1.000.000 денари • 80 години од основањето на Македонски народен театар Носител: НУ Македонски народен театар Финансиска поддршка: 700.000 денари • 75 години од основањето на ГАКУД „Браќа Ѓиноски“ – Гостивар Носител: ГАКУД „Браќа Ѓиноски“ – Гостивар Финансиска поддршка: 255.000 денари • 40 години од фолклорниот фестивал „Истибањско здравоживo“ Носител: Општина Виница Финансиска поддршка: 400.000 денари • 25 години од смртта на Јонче Христовски Носител: Ансамбл за народни игри и песни „Јонче Христовски“ – Скопје • 10-ти Меѓународен фестивал на Тетовскиот театар Носител: НУ Тетовски театар Финансиска поддршка: 800.000 денари

II. Поддржани монографски изданија во 2025 година

Во 2025 година беа поддржани следните монографии: 1. „Мојот пат“ – монографија за Антон (Тони) Багалаковски Автор: Александар Трајковски Вкупна поддршка: 248.000 денари 2. „Македонска зоонимска фразеологија во словенски контекст“ Автори: Катерина Велјановска, Билјана Мирчевска-Бошева Издавач: Славика Либрис ДОО Вкупна поддршка: 199.500 денари 3. „Неверојатните убавини на Северна Македонија / The Incredible Beauty of North Macedonia“ Автор: Иво Јанкоски Издавач: Трето уво ДООЕЛ Вкупна поддршка: 360.000 денари 4. „Macedonia from the Air“ Автор: Наце Попов Вкупна поддршка: 280.000 денари 5. „Македонија во 1900 година“ – фотографии од експедицијата на Н. П. Кондаков Издавач: Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје Вкупна поддршка: 204.000 денари

6. „Рисима“ – монографија за Рисима Рисимкин Автор: Јасна Франговска Издавач: ПНВ Публикации ДООЕЛ Вкупна поддршка: 240.000 денари

III. Реализирани активности во областа на културното наследство

Во делот на институциите за заштита на културното наследство, Министерството за култура и туризам постапува согласно Законот за култура, Законот за заштита на културното наследство, годишните програми за работа на установите и расположливите буџетски средства.

Носители на активностите се националните и локалните установи – музеи, заводи и музеи и библиотеки.

Во 2025 година се реализирани следните активности:

Точка 21 – 110 години од раѓањето на Кузман Јосифовски – Питу Носители: ЈНУ Музеј на македонската борба, ЈНУ Институт за национална историја, Државен архив, НУ Завод и музеј – Прилеп. На 12 јуни 2025 година, во родната куќа на Кузман Јосифовски – Питу во Прилеп (Меморијален музеј), беше одржан пригоден настан посветен на неговиот живот и дело, со презентација на архивски фотографии и документи. Настанот беше реализиран во рамки на одбележувањето на 70 години од основањето на Народниот музеј во Прилеп.

Точка 32 – 100 години од печатењето на букварот „Абецедар“ Носители: ЈНУ Институт за национална историја, Државен архив, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, МАКЕДОН – Сојуз на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Во периодот од 7 до 11 јули 2025 година беше реализирана изложба во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола. Финансиски средства во износ од 20.000 денари беа наменети за изложбен материјал, додека експонатите беа обезбедени од сопствениот фонд на библиотеката.

4

Република Северна Македонија Министерство за култура и туризам

Точки 46 и 48 – 90 години од раѓањето на Живко Чинго и Ташко Георгиевски Носители: ЈНУ Институт за македонска литература, Друштво на писателите на Македонија, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола. Реализирани се изложби со архивска и библиотечна граѓа, со финансиска поддршка од 20.000 денари по настан, наменети за изложбен материјал.

Точка 57 – 80 години од издавањето на првиот македонски буквар Носител: НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола. Во периодот од 5 до 9 мај 2025 година беше поставена изложба посветена на 100 години од печатењето на букварот „Абецедар“ за македонското малцинство во Грција, со книги и периодични публикации (весници, списанија и статии). Активноста беше реализирана со финансиска поддршка од 20.000 денари.

Точка 61 – 80 години од основањето на НУ Библиотека „Кочо Рацин“ – Тетово Носител: Општина Тетово. Јубилејот беше одбележан на 19 декември 2025 година со панел-дискусија, изложба и свечена академија во организација на НУ Библиотека „Кочо Рацин“ – Тетово. Проектот беше финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам со средства во износ од 394.000 денари.

Точка 76 – 70 години од основањето на НУ Завод и музеј – Прилеп Носител: НУ Завод и музеј – Прилеп. Во текот на 2025 година беа реализирани повеќе изложби, едукативни и инклузивни програми, работилници, централна прослава и печатење на јубилејна монографија. За овие активности беа реализирани средства во вкупен износ од 763.000 денари од Годишната програма на Министерството за култура и туризам.

Точка 81 – 60 години од смртта на Стале Попов

Носители: НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, Институт за македонска литература, Друштво на писателите на Македонија. Во периодот од 10 до 14 март 2025 година беше поставена изложба со книги и периодични публикации, со финансиска поддршка од 20.000 денари.

Точка 82 – 40 години од откривањето на теракотните икони од Виничко Кале Носители: Општина Виница, Локален археолошки и историски музеј „Теракота“ – Виница, Археолошки музеј на Македонија. Активностите опфатија ликовен конкурс „Поглед кон минатото – Светлина од земјата“, изложба на фотографии „Допирот на огнот“ (28 мај 2025 година) и централен настан на 29 мај 2025 година со музички настапи, видеопроекција и доделување благодарници. Финансиската поддршка изнесуваше 130.000 денари, обезбедени од програмата за музејска дејност на Министерството.

Точка 88 – 30 години од смртта на Васил Илјоски Носители: Дом на културата „Наум Наумовски – Борче“ – Крушево, НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола. На 8 ноември 2025 година беше одржана промоција на книгата „По трагите на македонскиот непребол“, која содржи необјавена драма и поезија од Васил Илјоски.

Точка 91 – 30 години од смртта на Петре Прличко Носители: Македонски народен театар, Кинотека на Македонија. Кинотеката на Македонија учествуваше во одбележувањето на јубилејот во рамки на фестивалот „Петре“, обезбедувајќи сопствена техничка опрема за прикажување на филмска програма, без финансиско учество од страна на Министерството.

Напомена: Во точките каде носител на активностите е НУ Музеј на македонската борба, не се реализирани активности.

Заклучок

Министерството за култура и туризам ќе продолжи да ја поддржува работата на институциите од областа на културата и заштитата на културното наследство, во рамки на своите законски надлежности, програмски приоритети и буџетски можности.

Со почит,

Сите пратенички прашања