
Јованка Тренчевска
ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Јованка Тренчевска, поставено на 85-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 18 февруари 2026 година Пратеничкото прашање гласи: Првото прашање се однесува на тема што е актуелна периодов и која директно ги засега македонските транспортери и бизнис заедницата. Деновиве се виде и се потврди дека власта наместо да ги решава проблемите, единствено што знае е да дефокусира и да води лажен пијар на штета на државата, граѓаните и компаниите. Последен ваков пример е случајот со транспортерите, пред само три недели ги излажавте овие луѓе дека проблемот со ограничувањето на престојот на возачите од Западен Балкан вклучувајќи и Македонија, во земјите од Европската Унија е решен. Ова помпезно и на социјалните мрежи и преку медиумите што ги контролирате го изјави вицепремиерот Николовски кој што рече, цитирам: „Добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија, нашите ставови се прифатени, возачите се прифатени како професионалци.“ Само пред три дена видовме дека оваа изјава била една голема лага, уште еден лажен пијар од кој трпи бизнисот и економијата. Вистината е дека проблемот не е решен, транспортерите се соочуваат со реални пречки и проблеми. Компании веќе размислуваат или започнале постапки за регистрација во други земји, како Бугарија и Хрватска. Ова значи губење приходи, губење работни места и одлив на капиталот од државата. Овој проблем не падна од небо пред три недели. Новите правила на Европската Унија не се донесени пред три недели. Конкретно одлуката сте ја знаеле од 26 јули 2025 година, тогаш била донесена со постепено воведување од октомври истата година. Тоа значи дека сте имале цели шест месеци за подготовка, за разговори, преговори, за можности, за некакви транзициски механизми, односно сте имале време да ги заштитите домашните превозници. Ако Европската Унија јасно кажала дека ги менува плановите и регулативите за движење со воведување на електронски систем уште минатата година, што правеше Владата и што правевте вие во Министерството за надворешни работи. Заменик министер, како дипломат и како претставник на државата во комуникацијата со Европската Унија сте имале обврска навреме да реагирате, да преговарате и да обезбедите заштита на транспортерите на националните економски интереси. Но вие свесно одбравте да молчите како и за се друго. Па сега кога дојде нож под грло целиот овој проблем се обидувате да го вклопите во вашата ЕУ-антикампања, што ја водите за да прикажете дека виновна е Европската Унија, да предизвикате негативна реакција кај граѓаните, а всушност единствениот виновник е вашата Влада. Јавноста гледа, гледаме сите ние дека и овој проблем за кој вие сте виновни како власт е само дел од анти ЕУкампањата на Владата, која наместо кон интеграција, ја води земјата кон изолација без јасен план за напредок, што носи сериозни последици врз економијата, компаниите и граѓаните. Проблемот на транспортерите не е само прашање за една стопанска гранка, туку е прашање за економијата во целост. Кога транспортниот сектор е блокиран, страда индустријата, страда извозот, страдаат бизнисите, страдаат граѓаните. Вие како заменик министер, меѓудругото и за надворешна трговија ги знаете последиците. Оттука моето прашање до вас е зошто ништо не преземавте шест месеци, кој ќе поднесе одговорност за штетата што ја трпат транспортерите и македонската економија.