Најважно
348 вести · 24 ч.
Берово 6°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Мурати праша за заштитата и конзервацијата на Шенѓул амамот

Резиме

Пратеникот Сали Мурати побара информации за правниот статус, состојбата и мерките за конзервација на Шенѓул амамот во Старата скопска чаршија, како и за финансирањето, стратешките документи и можностите за јавно-приватно партнерство. Во прашањето тој изрази загриженост за пропаѓањето на остатоците и праша дали објектот ќе биде прогласен за културно наследство во опасност и од особено значење.

Министерството за култура и туризам одговори дека амамот е во рамките на споменичката целина на Старата скопска чаршија и има поединечно решение за споменик на културата од 1967 година. Не е донесено решение за културно наследство во опасност; поради видливата деградација ќе се разгледа можноста за итни превентивни мерки, а по изработка на стручен извештај ќе се утврдат понатамошните чекори и рокови. Изработен е елаборат за ревалоризација. Нема посебно обезбедени средства за конзервација; се разгледуваат можности за финансирање, а временска рамка ќе може да се утврди по изработка на проектна документација. Министерството посочи дека чаршијата е опфатена со стратешки документи и дека е отворено за разгледување можности за јавно-приватно партнерство.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Сали Мурати

До: Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија

Почитуван Претседател на Собранието,

Согласно член 72 од Уставот на Република Северна Македонија, член 15 од Законот за Пратениците и членовите 38 и 39 од Деловникот на Собранието, го поставувам следново пратеничко прашање до Министерот за Култура на Република Северна Македонија:

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ во врска со правната заштита, тековната состојба и мерките за конзерваторска рехабилитација на Шенѓул амамот во Стара Турска чаршија

Шенѓул амамот (познат и како Ѓулчилер амам или Кури амам), изграден во втората половина на XV век и сместен непосредно до Куршумли ан во Старата турска чаршија, претставува исклучително значаен архитектонски и историски споменик на мултикултурното наследство на Скопје и на Република Северна Македонија. Овој споменик е материјален сведок на османската урбана цивилизација која трајно ја обликувала физиономијата на нашиот главен град. Денес, рушевините на Шенѓул амамот се наоѓаат во состојба на алармантно пропаѓање – куполата е урната уште при земјотресот од 1963 година, а постојните ѕидини се изложени на континуирани атмосферски влијанија без каква и да е видлива мерка за заштита или конзервација.

Имајќи предвид значењето на ова добро за идентитетот, туристичкиот потенцијал и меѓународниот углед на Скопје и на државата, но и загриженоста за тековната состојба, Ги поставувам следните конкретни прашања:

1. Дали Шенѓул амамот е евидентиран и формално прогласен за споменик на културата согласно прописите важечки пред 2004 година, и дали согласно чл. 175 од Законот за заштита на културното наследство тој денес ужива правна заштита? Доколку не е – кои се причините за тоа и кога Министерството планира да ја поведе постапката за воспоставување заштита согласно чл. 39 од истиот закон?

2. Дали Управата за заштита на културното наследство има донесено или планира да донесе Решение за прогласување на Шенѓул амамот за „Културно наследство во опасност“ согласно чл. 43 од Законот за заштита на културното наследство, и доколку да – кои итни мерки за физичко обезбедување и конзервација на рушевините се предвидени и во кој рок?

3. Дали Министерството за Култура има покренато или планира да покрене постапка за прогласување на Шенѓул амамот за „Културно наследство од особено значење“ согласно чл. 28 и 41 од Законот за заштита на културното наследство, и дали постои изготвен или планиран Елаборат за валоризација на ова добро?

4. Кои конкретни финансиски средства – буџетски, меѓународни или преку ЕУ фондови – се обезбедени или планирани за конзерваторски истражувања, изработка на конзерваторски проект и реализација на работи за стабилизација и рехабилитација на Шенѓул амамот? Постои ли временска рамка за реализација на овие активности?

5. Дали Шенѓул амамот е или ќе биде вклучен во Националната стратегија за заштита и користење на културното наследство согласно чл. 49 од Законот, и дали Министерството ги истражувало можностите за јавно-приватно партнерство или концесија согласно чл. 117 од Законот за евентуална реставрација и одржливо користење на ова добро?

Ве молам за детален, прецизен и документиран одговор во рок предвиден со Деловникот на Собранието.

Со почит,

Скопје, 04.03.2026

Сали Мурати Пратеник во Собранието на Република Северна Македонија

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Министерство за култура и туризам

РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - СКОПЈЕ Бр.-Nr. 08-1818/3 27.03.2026 год.-viti

Република Северна Македонија Министерство за култура и туризам

Бр.29-3536/3 Датум: 23 03 .2026 година

До: Африм Гаши/Afrim Gashi – претседател на Собранието на Република Северна Македонија

Предмет: Одговор на пратеничко прашање

Почитувани,

Во врска со вашиот допис бр. 08-1818/1 од 04.03.2026 година го доставуваме одговорот на пратеничкото прашање на пратеникот на Собранието на Република Северна Македонија, г-дин Сали Мурати поставено до Министерот за култура и туризам меѓу две седници на Собранието на Република Северна Македонија, на 04, март 2026 година.

Со почит,

МИНИСТЕР Зоран Љутков

Подготви/Провери: м-р Елена Павлова, раководител на Одделение Одобри: м-р Оливера Ливриник, Раководител на Сектор Согласен: Диме Маџовски, Државен советник

1 Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија Ул. „Ѓуро Јаковик“ бр. 61, Скопје Република Северна Македонија +389 2 3 207 405 www.kultura.gov.mk

Република Северна Македонија Министерство за култура и туризам

Министерството за култура и туризам, во врска со пратеничкото прашање, го подготви следниот

ОДГОВОР

Министерството за култура и туризам, во соработка со Управата за заштита на културното наследство и надлежната установа – Националната установа Конзерваторски центар Скопје, изврши увид во достапната документација и ја доставува следната информација.

1. Во врска со правниот статус на Шенѓул амамот

Според евиденцијата на Управата за заштита на културното наследство, локалитетот познат како Шенѓул амам (Ѓулчулер амам / Кури амам) се наоѓа во рамките на споменичка целина на Старата скопска чаршија, која е прогласена за културно наследство со посебно значење. Истовремено има Решение за поединечен споменик на културата од 1967 година.

2. Во врска со можноста за прогласување „културно наследство во опасност“

Конзерваторски центар Скопје и Управата за заштита на културното наследство ја следат состојбата на повеќе објекти во рамките на Старата скопска чаршија, вклучително и остатоците од Шенѓул амамот. Во моментов не е донесено формално решение за прогласување на објектот за „културно наследство во опасност“, но поради видливата деградација на објектот ќе се разгледа можноста за спроведување на итни превентивни мерки. По изработката на стручен извештај од надлежната институција ќе се утврдат понатамошните чекори и рокови.

3. Во врска со прогласување „културно наследство од особено значење“

Изработен е елаборат за ревалоризација на недвижното културно наследство споменик на културата Шенѓул амамот во споменичка целина „Стара скопска чаршија“ – Скопје.

4. Во врска со финансиските средства

Во досегашните годишни програми за заштита на културното наследство не се обезбедени посебни буџетски средства наменети исклучиво за конзерваторска интервенција на Шенѓул амамот. Во наредниот период се разгледуваат можности за: • аплицирање на проекти во рамките на европските фондови за културно наследство, • користење на средства од програмите за заштита на културното наследство,

3 Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија Ул. „Ѓуро Јаковик“ бр. 61, Скопје Република Северна Македонија +389 2 3 207 405 www.kultura.gov.mk

• воспоставување меѓународна соработка со институции и организации кои поддржуваат конзервација на историски споменици.

По изработка на соодветна проектна документација, ќе може да се утврди и временска рамка за евентуална реализација на конзерваторски активности.

5. Во врска со вклучување во стратегии и можност за јавно-приватно партнерство

Старата скопска чаршија е опфатена со стратешките документи за заштита и управување со културното наследство, а во рамките на тие политики се разгледуваат и можностите за ревитализација на поединечни објекти во нејзини рамки.

Министерството за култура и туризам останува отворено за разгледување на модели за одржливо користење на културното наследство, вклучително и можности за јавно-приватно партнерство, согласно важечките законски прописи. Секоја таква иницијатива би се реализирала по претходна изработка на стручна документација и со почитување на принципите за заштита на културното наследство.

МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА И ТУРИЗАМ

Сите пратенички прашања