
Даниела Николова
ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Даниела Николова, поставено на 95-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 26 март 2026 година Пратеничкото прашање гласи: Денес ќе зборувам со документи со броеви на Службени весници и со конкретни докази по однос на прашањето за образованието. Низ кои што ќе видиме како Министерство за образование и наука ги наградува најдобрите наставници. Според она што го имаме како информација, но и како факти. Процесот за стекнување звање наставник, ментор и наставник советник во основното и средното образование е административен лавиринт дизајниран за партиски награди или елиминација, како сакате. И системско понижување на Македонскиот наставник. Министерке, постои едно златно правило кое што правилата не се менуваат кога натпреварот е веќе почнат. Но, најверојатно за вас и за министерството за образование ова не важи. Ајде, еве да ја видиме хронологијата. На 30 јуни 2025 година вие го донесовте првиот правилник за начинот на следење и вреднување на работата на наставниците. На основа на тој правилник објавивте јавниот повик во летото 2025 година. Наставниците верувајќи во државата, односно во министерството за образование и во процедурите пропишани во Законот почнаа да ги подготвуваат своите досиеја, да плаќаат за сертификати и да ги подготвуваат своите трудови како докази. Но, тогаш почнува инженерингот на МОН на 26 декември 2025 година вие носите измена на правилникот. Со еден потпис рокот за работата на Комисиите го дуплиравте од 30 на 60 работни дена. Зошто? Дали вашите комисии се толку не стручни што не може да ги прегледа документите или ви треба дополнителни два месеци, а најверојатно и повеќе за партиско креирање на ранг листите. За информација од 11 декември вашите комисии веќе беа на терени ги оценуваа кандидатите. Ве прашувам, како може да се оценуваат наставниците од 11 декември, а на 26 декември да го менувате правилникот по кој што работат комисиите. Со истата таа измена воведовте нечуен преседан овозможувате наставникот да може да биде оценуван и во друго училиште, а не во она кое што работи. Ве прашувам каков е овој образовен туризам. Зошто некој наставници беа оценети во своите училишта со своите ученици, со своите ресурси во своите училници. А други кои што имаа помалку среќа беа праќани во други градови пред други ученици кои што за прв пат ги среќаваат и во училници во кои што за прв пат влегуваат. Ако го погледнеме правилникот од 23 јули 2025 година објавен во Службен весник број 148 во член 3, вие предвидувате во Комисијата да има претставник и на ЗЕЛС. Сега ме интересира што разбира еден општински административец за методиката на настава. Како може чиновник од локалната самоуправа да оценува меѓународни научни трудови презентирани на конференции во странство. Каде беше јавниот повик за овие комисии и пропишаните критериуми за истите. Или тие само се користат за да може да ги уфилтрираат сослушните кадри користејќи ја моќта дека може да бодуваат и со тоа да влијаат на ранг листата. Министерке, истиот правилник предвидува во секоја комисија да има претставник од репрезентативниот синдикат. Ве прашувам, знаете ли дека ви се откажуваат овие претставници откога ќе согледаат во какви услови, со какви притисоци и барања треба да работат и оценуваат. Зарем тоа не е аларм дека нешто не е во ред. Очекувам дека Синдикатот ќе се одважи, ќе одолее на притисокот и ќе реагира во интерес на правата на наставниците. Министерке, ќе ви кажам уште неколку примери за некои апсурди. За наставниците од средните училишта кои што беа избрани на конкурс на Министерството за образование, за обука која што беше реализиран во соработка со Бреинстер академијата. За оваа обука тие се пријавуваа во август 2025 година, беа избрани само 200 наставници по пат на тестирање. Министерството за образование, односно државата, на тој начин ги селектираше, државата гарантираше на тој начин за нивниот квалитет. И сега, кога аплицираат за наставници ментори, вашата Комисија вели, овој сертификат не го признаваме. Како е можно со една рака да потпишувате за вакви одлуки, а со друга да им ги фрлате сертификатите на наставниците во корпа. Дали свесно се замајуваат наставниците да трошат време на проекти кои што вашите комисии ќе ги обезвреднат. Понатаму, во Правилникот, во Прилог 1, точка 64, децидно пишува дека меѓународен медал носи поени. Како тогаш е можно, меѓународниот натпревар, Математика без граници, за кој лично вие доделувате награда и на учениците, и на менторите, вашите комисии да ги оценуваат со 0 поени. Како може натпреварот Кенгур за едни комисии да вреди, да биде бодуван, а за други да е 0. Дали секоја комисија има свои правила кои што се посилни од Законот и правилниците кои вие ги потпишавте. Понатаму, зошто ги оценувате со 0 сертификатите на светските гиганти, како Мајкрософт. Наставниците приватно со сопствени средства се доедуцираат на овие платформи за да бидат во чекор со новите трендови во образование, а вашите комисии кои веројатно не знаат некои членови од нив ниту да ги отворат тие платформи, им ги поништуваат овие докази. Знаете ли дека со 0 поени, некои од вашите комисии ги бодираат и конференциите, и домашните, и меѓународните за кои наставниците плаќаат од сопствен џеб за да слушнат нешто ново и да ги претстават пред своите колеги трудовите кои што ги напишале. На врвот на нетранспарентноста дојдовме во овој краен период. На официјалниот сајт, кариерно напредување на наставниците, каде што наставниците ги прикачуваат доказите, а центрите за развој на средното стручно образование, своите оценки, дел од наставниците добија пристап и можеа да ги видат своите резултати, односно бодовите, дел од нив не можеа. Но, наеднаш на 12 март бодовите беа скриени. Министерке, зошто ги сокривте бодовите на 12 март, ако се уште трае оценувањето. Дали затоа што некои наставници видоа дека се оштетени и почнаа да реагираат. Како може во иста постапка, едни наставници да си ги знаат поените, а други не. Ова е директна дискриминација. Вие свесно создавате нееднаквост помеѓу кандидатите од исти училишта, или кандидати од различни училишта. Што се плашите дека ќе видат на сајтот. Затоа ви го поставувам прашање. дали ќе реагирате на целиот овој процес во кој што правилата се менуваат и не важат исто за сите комисии. Дали во текот на самата евалуација ќе видите какви пропусти се направени, ќе направите целосна ревизија на бодирањето, за да може сите наставници да си ги реализираат своите права и навистина да биде ценет трудот на наставникот.