Најважно
348 вести · 24 ч.
Берово 6°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Лукаревска праша за критериумите и транспарентноста при распределбата на спортските субвенции

Резиме

Сања Лукаревска праша дали постои јавно објавена методологија за распределба на субвенциите за спортските федерации, клубови и индивидуални спортисти и каде може да се најде списокот на доделени средства со критериуми и показатели. Таа посочи дека, според нејзините наводи, средствата за субвенции се намалени и побара објаснување за критериумите и бодовниот систем.

Заменик-министерката за спорт одговори дека субвенциите се распределуваат транспарентно и се подобра практика од претходниот систем со ваучери. Наведе дека се обезбедени 350 милиони денари, исплатени или во фаза на исплата, како и дополнителни 300 милиони денари од забавни игри. Во одговорот изнесе и обвинувања за злоупотреби во претходниот период и наброја спортски објекти и реконструкции, но не посочи каде е објавена методологијата или листата на корисници.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Сања Лукаревска

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Сања Лукаревска, поставено на 95-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 26 март 2026 година Пратеничкото прашање гласи: Моето второ прашање е до заменик министерката за спорт. Во изминатиот период слушнавме многу најави за поголема поддршка на спортот но, фактите покажуваат поинаква слика. Наместо нови инвестиции, наместо развој на спортската инфраструктура и поголема поддршка за спортистите, гледаме дека во изминатиот период речиси ништо суштински не е инвестирано во спортот. А, она што најмногу ги погодува федерациите, клубовите, индивидуалните спортисти е токму намалувањето на субвенциите. Спортот не е само натпревар и освоени медали, тој е национален интерес, инвестиција во младите и здраво општество. Но, за жал она што денес го гледаме е дека спортот во државата се соочува со сериозен пад на институционална поддршка. Во периодот на Владата на СДСМ, буџетската поддршка за спортот т.е. субвенциите за спортските федерации, клубови, индивидуални спортисти беше значително зголемена и достигна до околу 10 милиони евра. Во јавноста најавивте како ново министерство дека ќе следи дополнително зголемување за оваа поддршка и средствата ќе стигнат до 15 милиони евра. Но, гледаме спротивен тренд, наместо зголемување, средствата за субвенции се намалени речиси за половина што сериозно ја доведува во прашање можноста на федерациите, клубовите и индивидуалните спортисти нормално да функционираат, да организираат подготовки, да учествуваат на меѓународни натпревари, да постигнуваат резултати. Во Буџетот за 2026 година, кај министерството за спорт, помалку средства односно 18,9% помалку за спортски објекти, 67 милиони денари помалку за субвенции во спортот, 91% помалку средства за инфраструктурни проекти во општините. И, во Ребалансот за 2025 година, имаше намалување кај субвенциите од 24 милиони денари. Дополнително, според објавените информации за програмата за субвенции во спортот. За 2025 година преку ова министерство се распределуваат 440 милиони денари, а за 2026 година, 100 милиони помалку или 348 милиони денари. Дилемата е: Дали овие средства се доволни и дали се во согласност со ветувањата за зголемена поддршка на спортот. Јавноста мора да знае врз основа на кој конкретни критериуми и по кој бодовен систем како министерство ја утврдувате висината на средствата кои што ги добиваат спортските федерации, клубови, индивидуални спортисти. Можеби ќе беше подобро да се организира соодветна јавна расправа, форма на консултативен процес со сите засегнати страни со цел да се избере најдобриот модел за распределба на средствата и да се воспостави еден транспарентен систем. Бидејќи на веб страната на министерството нема правилник, одлука или било каков друг акт за целата оваа постапка. Моето прашање е до вас. Дали постои јавно објавена методологија за распределба на средствата и каде може да ја најдеме листата на доделени субвенции кон федерациите, клубовите, индивидуалните спортисти со јасни индикатори како спортски резултати, масовност на спортот, работа со млади категории, меѓународни успеси и рангирања.

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Министерство за спорт

О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Сања Лукаревска, поставено на 95-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 26 март 2026 година Заменик министер за спорт Почитуван потпретседател на Собранието, почитувани пратеници, драги граѓани, почитувани министри. Почитувана пратеничке, ви благодарам многу за поставеното прашање. Ако дискутираме за спортот, за работата која што е направена за спортот ние можеме да дојдеме до заклучок да минатата Влада е таа која што спортот го донесе во голема корупција. Јас пред да одговорам на вашето прашање треба да елаборирам како се распределени средствата кога беше Агенцијата за млади и спорт. Знаете дека имаше распределба на ваучери, додека распределбата на ваучери не беше добра пракса, бидејќи остави простор за злоупотреба на средствата. Спортските клубови никогаш не ги земаа средствата како што беа предвидени, бидејќи им се бараше процент. Ова е за жалост, јас би сакала да ве потсетам дека има едно обвинение против двајца ваши директори во Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски и Дарко Каевски, за злоупотреба на 5 милиони евра. Тоа што се однесува до субвенциите, вие знаете добро дека субвенциите се делат на транспарентен начин и е подобра пракса. Секако дека и спортистите многу задоволни и се финансираат така како што треба и овде во овој случај би сакала да ве потсетам дека вие не сте исплатиле ниту еден денар за 2024 година и ние требаше со ребалансот на Буџетот да исплатиме над 550 милиони денари во декември 2024 година. Тоа што се однесува до субвенциите за оваа година, како во првиот дел на Владата сме обезбедиле 350 милиони денари каде што се исплатени или се во фаза на исплата. Освен ова ние обезбедивме уште 300 милиони денари дополнително од забавните игри, каде што порано вие не сте ги исплатиле. И прашањето е за вас, каде што и спортистите го поставуваат и прашањето е каде се отидени тие пари. Значи сме ги завршиле сите базени кои што беа во 2025 година, имаме и нови проекти каде што имаме подобри услови за нашите спортисти, каде што ќе имаат места каде ќе можат, имаме една нова сала во Аеродром, сала во Крушево, сала во УКИМ, во Расадник нова сала, реконструкција и реализација на атлетските писти и многу други проекти кои што се во фаза на изградба и исто така кои што се во унапредена фаза. Ние имаме направено реконструкција на над 50 спортски сали во целата територија на Републикава. Речиси во сите општини во државава сме реализирале и проекти каде што им се овозможуваат подобри услови за спортските активности. Исто така ние ќе почнеме и со реконструкција на помошниот дел во Куманово, каде што ќе има спортска сала и го очекуваат сите спортисти во Куманово, бидејќи еден простор, речиси 500 семејства, ги носат своите деца на спортски активности. Кога зборуваме за спортот и се што е направено во Министерството за спорт во овие 17 месеци, мислам дека нема простор за дискусија бидејќи ние сме работеле многу повеќе од тоа што е реализирано во текот на тие години кога без злоупотребени средствата и се оставени спортистите во многу тешка состојба, без простор каде што би можеле да ги извршат нивните спортски активности. Благодарам.

Сите пратенички прашања