Најважно
348 вести · 24 ч.
Берово 6°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

ДИК: Аеродром не може да ги намали утврдените изборни надоместоци

Резиме

Пратеничката Даниела Николова праша кој е надлежен за исплата на надоместоците на членовите на изборните органи и дали одлуката на Советот на Општина Аеродром за исплата на 50% од утврдениот износ е правно исправна и во согласност со Изборниот законик и подзаконските акти. Таа во прашањето наведе дека општините различно постапуваат со исплатите.

Државната изборна комисија одговори дека одговорноста за исплатата на средствата за локални избори е на општините и Градот Скопје, без законски утврден фиксен сооднос за поделба меѓу нив. Според ДИК, меѓусебен договор е можен, но не ја менува нивната заедничка или поединечна одговорност за целосна исплата. Комисијата оцени дека одлуката на Аеродром не е во согласност со Изборниот законик и правилникот на ДИК и не произведува правно дејство.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Даниела Николова

До Претседателот на Собрание на Република Северна Македонија Г-дин Африм Гаши

Предмет: Пратеничко прашање

Согласно член 38 и 39 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија поставувам пратеничко прашање до претседателот на Државна изборна комисија Бојан Маричиќ

Врз основа на член 19 од Изборниот законик, како и врз основа на Правилникот за критериумите за определување на надоместок на членовите на изборните органи, изборната администрација и ангажираните лица по налог на Државната изборна комисија, број 08-4741/1 од 14.11.2025 година, донесен од Државната изборна комисија, се уредува правото и висината на надоместоците за изборните органи.

Одлука за издвојување средства за исплата на надоместоци за членовите на изборните органи во Општина Аеродром за Локалните избори 2025 година, Советот на Општина Аеродром предвидел исплата на овие надоместоци од буџетот на општината во висина од 50% од предвидените надоместоци за изборните органи согласно Правилникот.

Сепак, во пракса постои неусогласена примена на овие законски и подзаконски акти, односно во општините Центар и Карпош надоместоците се целосно исплатени,во Општината Кисела Вода и Гази Баба исплатени се дел од предвидените надоместоци, а пак во Општина Аеродром е донесена одлука со која се исплатени само 50% од предвидените надоместоци.

Оваа нееднаква практика отвора сериозни правни дилеми во однос на надлежностите и законитоста на постапувањето на единиците на локалната самоуправа.

Сооглед на наведеното, Ве прашувам:

Кој орган е надлежен за исплата на надоместоците на членовите на изборните органи, Градот Скопје или единиците на локалната самоуправа?

Дали одлуката на Советот на Општина Аеродром, со која се врши исплата на само 50% од утврдените надоместоци согласно Правилникот број 08-4741/1 од 14.11.2025 година, е правно исправна и во согласност со Изборниот законик и подзаконските акти донесени од Државната изборна комисија?

Со оглед на значењето на еднаквата примена на правото и заштитата на правата на членовите на изборните органи,барам навремено и целосно доставување на бараните информации.

Во прилог Ви ја доставувам и Предлог –Одлука за издвојување средства за исплата на надоместокот на членовите на изборните органи - Општинска изборна комисија и избирачки одбори за подрачјето на Општина Аеродром за спроведување на Локалните избори 2025 година која е усвоена на седница на Советот на Општина Аеродром на 24.3.2026 година.

Пратеничка, Даниела Николова

СОВЕТ НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ СКОПЈЕ

Предлагач: Градоначалник Изработувач: Општинска администрација

П Р Е Д Л О Г - О Д Л У К А за издвојување средства за исплата на надоместокот на членовите на изборните органи - Општинска изборна комисија и избирачки одбори за подрачјето на Општина Аеродром за спроведување на Локалните избори 2025 година

Скопје, 2026 г.

Врз основа на член 19 од Изборниот законик („Службен весник на РМ“ број 40/06, 136/08, 148/08, 155/08, 163/08, 51/11, 142/12, 31/13, 14/14, 31/15, 196/15, 35/16, 97/16, 99/16, 136/16, 142/16, 57/17, 67/17, 125/17, 35/18, 99/18, 140/18, 208/18, 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19, 42/20, 74/21 и 215/21, 58/24, 76/24 и 116/25), Правилникот за критериумите за определување на надоместок на членовите на изборните органи, изборната администрација и ангажираните лица по налог на Државната изборна комисија за организирање и спроведување изборен процес, број 08-4741/1 од 14.11.2025 година и член 36 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на РМ“ бр. 5/02), Советот на Општина Аеродром на ______________седница одржана на ____________ година, донесе

П Р Е Д Л О Г - О Д Л У К А за издвојување средства за исплата на надоместокот на членовите на изборните органи - Општинска изборна комисија и избирачки одбори за подрачјето на Општина Аеродром, за спроведување на Локалните избори 2025 година

Член 1

Со оваа Одлука се уредува начинот на исплата на надоместокот на претседателот, секретарот, членовите и нивните заменици на Општинската изборна комисија Аеродром за извршената работа во подготовката и спроведувањето на Локалните избори 2025 година и на претседателите, членовите и нивните заменици на избирачките одбори за извршената работа во подготовката и спроведувањето на Локалните избори 2025 година, за избор на членови на Советот на Општина Аеродром и градоначалник на Општина Аеродром и за избор на членови на Советот на Град Скопје и градоначалник на Град Скопје.

Член 2

Вкупниот единствен надоместок за исплата на Општинската изборна комисија Аеродром и 93 (деведесет и три) избирачи одбори, во износ од 7.790.200 (седум милиони седумстотини и деведесет илјади и двесте)денари за избирачки одбори и износ од 892.500 (осумстотини деведесет и две илјади и петстотини) денари за ОИК, ќе се исплаќа од буџетот на општината, програма А - Совет на Општина, Потпрограма А1 - Изборни активности и референдуми, Посттавка 464990. Средствата од став 1 на овој член ќе се распределат во единствени поединечни износи на трансакциска сметка на секој член, согласно со доставените листи со податоци од страна на Општинската изборна комисија, со број 23-7827/1 од 26.11.2025 година.

Член 3

Секторот за финансии на Општина Аеродром се задолжува да ја изврши оваа Одлука.

Член 4

Оваа Одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Аеродром“.

Претседателка на Совет Сузана Павловска

Образложение

Во член 19 од Изборниот законик („Службен весник на РМ“ број 40/06, 136/08, 148/08, 155/08, 163/08, 51/11, 142/12, 31/13, 14/14, 31/15, 196/15, 35/16, 97/16, 99/16, 136/16, 142/16, 57/17, 67/17, 125/17, 35/18, 99/18, 140/18, 208/18, 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19, 42/20, 74/21 и 215/21, 58/24, 76/24 и 116/25), е утврдено дека претседателот и членовите на изборните органи, како и изборната администрација, имаат право на надоместок што се утврдува со акт на Државната изборна комисија.

Во Правилникот за критериумите за определување надоместок на членовите на изборните органи, изборната администрација и ангажираните лица по налог на Државната изборна комисија за организирање и спроведување на изборен процес, број 08-4741/1 од 14.11.2025 година, детално е уреден начинот на исплата на надоместокот за извршената работа во подготовката и спроведување на локалните избори на членовите на општинските изборни комисии и на избирачките одбори, како и поединечните износи што треба да се распределат за секој член на изборен орган.

Член 36 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на РМ“ бр. 5/02) ги утврдува надлежностите на Советот на Општината.

Со оглед на наведеното, а бидејќи до Општина Аеродром, со допис 23-7827/1 од 26.11.2025 година се доставени детални податоци, поточни списоци со вкупниот број на ангажирани лица - членови на изборните органи за време на Локалните избори 2025 година, податоци за поединечните износи, како и податоци за трансакциски сметки, а имајќи ја предвид обврската за исплата утврдена во цитираните законски и подзаконски акти, му предлагам на Советот да ја разгледа и да ја усвои оваа Одлука, со која ќе се утврди исплатата на износот за локалните избори.

Градоначалник Дејан Митески

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Претседател на државна изборна комисија

РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - СКОПЈЕ Бр.-Nr. 08-2461/3 14.04.2026 год.-viti

Република Северна Македонија ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Бр./Nr. 08 - 945 /2 14.04.2026 СКОПЈЕ / SHKUP

ДО Претседател на Собрание на Република Северна Македонија, г. Африм Гаши

ПРЕДМЕТ: Одговор на пратеничко прашање

ВРСКА: ваш број 08-2461/2 од 02.04.2026 години

Почитуван г.Гаши,

До претседателот на Државна изборна комисија, Бојан Маричиќ е пристигнато пратеничко прашање од г-ѓа Даниела Николова, поставено писмено на 01 април 2026 година, меѓу две седници на Собранието на Република Северна Македонија. Врз основа на член 43 став 2 од Деловникот на Собранието, во прилог Ви се доставува одговорот на прашањето поставено од пратеничката Николова.

Со почит,

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА ПРЕТСЕДАТЕЛ Бојан Маричиќ

Изготвил: Невена Димовска Одобрил: Ивана Костадиновска

Државна изборна комисија Бул. Св. Кирил и Методиј бр.54 Скопје www.sec.mk izbori@sec.mk +38923244744

Почитувана пратеничка Николова,

Прашањата кои ги отворате се клучни за заштита на правната сигурност на членовите на изборната администрација и за гарантирање на нивните законски права. Државната изборна комисија има јасен став заснован исклучиво на одредбите од Изборниот законик, кои се обврзувачки за сите инволвирани страни. Одговорите на двете прашања се содржани во доследната примена на Изборниот законик и Правилникот за исплата на надоместоци, кои не оставаат простор за субјективни толкувања од страна на локалните власти.

Во однос на првото прашање за надлежноста, Изборниот законик е јасен: согласно членот 88 став 4, обврската за исплата на средствата за локални избори е исклучива одговорност на општините и на Градот Скопје. Иако Изборниот законик не предвидува фиксен сооднос за поделба на исплатата помеѓу Градот Скопје и општините, тоа не ја исклучува можноста за нивен меѓусебен договор, но тоа на никаков начин не ја менува нивната заедничка или поединечна одговорност за целосна исплата на надоместоците на членовите на изборните органи.

Во врска со Одлуката донесена од страна на Советот на Општина Аеродром за исплата на само 50% од предвидениот износ на надоместокот утврден во Правилникот на ДИК, укажуваме дека истата не е во согласност со одредбите на Изборниот законик, ниту пак со Правилникот на ДИК за утврдување на надоместоците и не произведува правно дејство. Ваквиот чекор претставува пречекорување на овластувањата на локалната самоуправа и непочитување на задолжителните акти донесени од Државната изборна комисија. Членот 31 од Изборниот законик јасно утврдува дека Државната изборна комисија е единствениот надлежен орган за донесување на Правилникот за критериумите за определување на надоместоците. Овој подзаконски акт е задолжителен и ниту една единица на локалната самоуправа нема правен легитимитет самостојно да го ревидира, дерогира или да го менува. Секоја одлука која отстапува од утврдените критериуми во Правилникот за критериумите за определување на надоместок на членовите на изборните органи, изборната администрација и ангажираните лица по налог на Државната изборна комисија за организирање и спроведување на изборен процес со бр. 08-4741/1 од 14.11.2025 година е правно неоснована и ништовна. Потенцираме дека Комисијата, иако нема законска обврска да ги упатува општините во нивните должности кои произлегуваат од Изборниот законик, во неколку наврати писмено укажуваше на потребата од навремено обезбедување на средствата. Уште во текот на минатата година потсетивме на оваа обврска, додека со последната ургенција од февруари побаравме и итна реализација на веќе доспеаните исплати.

Државната изборна комисија ќе продолжи да ја следи состојбата со исплатите во сите општини и останува во комуникација со локалните власти и со раководството на Заедницата на единиците на локалната самоуправа, барајќи доследно спроведување на законските одредби и подзаконските акти од страна на сите општини. Наш приоритет останува заштитата на професионалниот интегритет на изборната администрација и доследната примена на правото, како основни предуслови за зачувување на достоинството на изборниот процес.

2

Сите пратенички прашања