
Дијана Тоска
ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Дијана Тоска, поставено на 97-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 08 април 2026 година Пратеничкото прашање гласи: Благодарам. Почитувани присутни, почитувани медиуми, почитувани граѓани, Жал ми е денес што не е присутен министерот Стоиљковиќ тука, бидејќи ексклузивно од него чекав одговор. И повторно сакам тој да ми одговори писмено. Со целата почит према вас почитуван заменик министер, но значи не сте вие тој кој е главен виновник за ситуацијата која е во тоа Министерство. Денес сакам да зборувам за едно прашање кое ги надминува границите на една административна одлука и директно ги засега темелите на правната држава и довербата на граѓаните во институциите. Станува збор за постапка на министерот Иван Стоиљковиќ во врска со отказите и повторното суспендирање на петмина албански административци. Господин министер, Ви се обраќам тука и се надевам дека ќе ме слушнете. Она што го прави овој случај особено тежок, не е само првичната одлука, тука вашата упорност да ја повторите, дури откако е поништена од надлежните органи. Поконкретно, Комисијата од втор степен по жалби при Агенцијата за администрација, утврди дека вашите одлуки биле неосновани и наложил враќање на вработените на нивните работни места. Ова е институционална одлука. Одлука која мора да се почитува. Ова многу добро го знам, бидејќи самата јас работев во Агенцијата за администрација и ги познавам точно надлежностите на тој орган. Но, што направивте вие. Наместо да ја спроведете Одлуката, вие ја заобиколивте Одлуката и повторно ја презедовте истата мерка, повторно суспендирајќи ги овие вработени. Вие што сакате да постигнете со овие тврдоглави одлуки. Вие директно игнорирате една институционална одлука. И тука се поставува суштинското прашање. дали ја признавате институционалната хиерархија на оваа држава и мислите дека сте над неа. Бидејќи, ако одлуките на второстепените органи можат толку лесно да се игнорираат, тогаш која е смислата на целиот систем на контрола и рамнотежа. И, ако навистина мислите дека сте над одлуките на комисиите каде што се поднесуваат жалби, тогаш оттука ви порачувам, не сте. Можеби во моментов постои влада во која вашите албански партнери се тивки и немоќни кои ви дозволуваат вакви акробации, но, ќе дојде ден кога нема да можете повеќе да си играте со Албанците. Не плива секогаш тиквата по вода. Така вели една поговорка. Еден ден ќе се промени сѐ. И вие, но и тие што го дозволуваат ова, ќе одговараат пред народот и ќе останете црна дамка во сеќавањето на оваа држава.
Министер, овој пристап е опасен, затоа што овде веќе не станува збор за погрешна одлука, туку за практика што ги загрозува демократските стандарди. Понатаму, постапката што сте ја следеле е подеднакво проблематична. Зошто е спроведена надвор до законските рокови. Како може да произведе правно дејство постапка што е спротивна ан Закон. Или за вас Законот е пречка која треба да се заобиколи, да се помине, а не правило што треба да се почитува. Министер, барам јасни и документирани одговори. Кои се конкретни докази, врз основа на кои е донесена оваа ваша одлука. Зошто нема индивидуална одговорност за секој вработен. Бидејќи, она што го гледаме е, колективно казнување, а колективното казнување е неприфатливо во секој демократски стандард. Исто така, како ја оправдувате пропорционалноста на најтешката мерка, прекинување на работниот однос. Дали ова е правда, или одлука со политичка позадина, или можеби етничка омраза. Министер, постои друга димензија која не може да се игнорира. Вие учествувате и со право одбележувате важни датуми за други заедници, вклучително и меѓународниот ден на Ромите и тоа е добро, затоа што се промовира инклузија и почит. Но, проблемот е во двојните стандарди. Не може да промовирате почит кон една заедница, а истовремено да преземете дејствија што се перципираат како неправда и дискриминаторски кон друга заедница. Во овој случај значи, албанската заедница. Не може да постојат два пристапи во иста институција. Еден толерирате за некои, и друг што се перцептира како дискриминаторски кон Албанците. Бидејќи, институциите не треба да создаваат перцепција на омраза, туку тие треба да гарантираат еднаквост. Затоа ве прашувам директно, како ги коментирате тврдењата на селективен третмани и намерно влошување на условите за работа на албанските административци. Замислете, почитувана јавност, имаме информации дека во една канцеларија се сместени седум, осум и повеќе албански административци, во мала канцеларија без работни маси, без столчиња и без основни средства за работа. Осум часа стојат таму, некои на нозе и некои седнати на под. Ова е сериозен институционален проблем. Дополнително, дали сте подготвени да ги објавите сите документи и процедури што довеле до овие одлуки. Сега објавете ги и сите тие јавноста нека ги оцени дали се исправни, или не. Министер, вие раководите со институција чија мисија се меѓуетничките односи. Во тој контекст, како мислите дека овие одлуки влијаат врз довербата меѓу заедниците. Овие постапки не градат доверба, напротив, тие ја рушат. И во едно мултиетничко општество, тоа е исклучително опасно. На крај едно суштинско прашање. Дали овие постапки се во согласност со духот на Охридскиот рамковен договор. Или за вас тој договор не значи ништо. За Албанците тој Договор е клучен за соживот во оваа држава. Се чини дека создавате практика спротивна на принципите на еднаквост и застапеност. И, над се, дали ќе преземете политичка одговорност, доколку се утврди дека сте ги игнорирале одлуките на институциите, сте ги игнорирале одлуките на институциите и сте постапиле спротивно на Закон. Граѓаните бараат правда. Бараат еднаквост и бараат институции кои го почитуваат Законот, а не го заобиколуваат. Значи го потсетувам министерот, сакам писмен одговор и сакам сите сведоштва врз која основа се избркани тие Албанци. Да видиме дали донесол прави одлуки или не или ова е само значи израз на неговиот патолошки страв кој го има кон Албанците. Ви благодарам. Прашањето го поставувам до министерот за односи меѓу заедниците.