Најважно
348 вести · 24 ч.
Берово 6°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Мурати прашува за кадровското и буџетското зајакнување на Бирото за застапување пред ЕСЧП

Резиме

Пратеникот Сали Мурати ѝ поставува на Владата осум прашања за кадровската и буџетската состојба на Бирото за застапување на државата пред Европскиот суд за човекови права. Тој прашува кои мерки се преземени по разгледувањето на проблемот на владина седница во март 2025 година, дали е одобрено шест нови вработувања и какви средства се планирани за 2026 година. Бара и информации за акциски план, измените на законите, мерките за намалување на финансискиот товар од пресудите и примената на правичната застапеност при вработувањата.

Во образложението Мурати ја опишува кадровската состојба во Бирото како неодржлива и наведува податоци за пресудите и досудените средства за 2024 година. Документ со одговор од Владата не е објавен.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Сали Мурати

До: Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија

Почитуван Претседател на Собранието,

Согласно член 72 од Уставот на Република Северна Македонија, член 15 од Законот за Пратениците и член 38 и 39 од Деловникот на Собранието, го поставувам следново пратеничко прашање до Владата на Република Северна Македонија:

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ во врска со кадровската и буџетската неекипираност на Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права и мерките преземени по информацијата разгледана на 57-та седница на Владата

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

На 57-та седница на Владата на Република Северна Македонија, одржана на 11 март 2025 година, под точка 46 од дневниот ред беше разгледана информација за проблемите со кадровската неекипираност на Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права (во натамошниот текст: Бирото).

На денешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, одржана на 21 април 2026 година, в.д. директорката на Бирото, Даница Цонова, при презентацијата на Годишниот извештај за 2024 година, јавно потврди дека состојбата е неподносилива: Бирото функционира единствено со директорката и архивар, без ниту еден правник, на стотици активни предмети. Претходно, во периодот јануари–лето 2025 година, Бирото броеше само уште еден правник покрај директорката.

Во текот на 2024 година Европскиот суд за човекови права донесе 10 пресуди против Република Северна Македонија, во сите 10 беше констатирана повреда на Конвенцијата. Вкупниот износ на досудени средства за 2024 година изнесуваше 2.191.883 евра — рекорден износ во последните десет години. Државата се наоѓа на 11. место во Советот на Европа според индексот на поднесени апликации на 10.000 жители (индекс 1.80), далеку над европскиот просек од 0.38.

Наведените факти потврдуваат дека Бирото — институцијата задолжена да ги застапува интересите на државата пред највисокото судско тело за човекови права во Европа и да ја координира имплементацијата на пресудите — функционира во услови кои ги загрозуваат и основните надлежности предвидени со Законот за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права. Оваа состојба директно ги штети националните интереси, правата на граѓаните и финансиските средства на државата.

ПРАШАЊА:

1. Кои конкретни мерки ги превзела Владата по разгледувањето на информацијата за кадровската неекипираност на Бирото на 57-та седница, одржана на 11 март 2025 година, и во кои рокови се реализирани истите?

2. Дали Владата дала согласност за новите шест вработувања во Бирото за кои в.д. директорката јавно изјави дека ги очекува, и ако да — во кој рок се очекува нивна реализација?

3. Кои буџетски средства се предвидени за Бирото во буџетот за 2026 година и дали истите соодветствуваат на потребите за полнофункционално работење согласно законските надлежности?

4. Дали Министерството за правда изработило акциски план за зајакнување на институционалните капацитети на Бирото, и ако не — во кој рок ќе биде изготвен?

5. Кои мерки ги презема Владата за ажурирање на Законот за застапување и Законот за извршување на одлуките на ЕСПЧ, за кои в.д. директорката изрично потврди дека се застарени и бараат итно ажурирање, а Бирото нема капацитет самостојно да го преземе тој процес?

6. Каков е планот на Владата за намалување на рекордниот износ на досудени средства од 2.191.883 евра за 2024 година, и кои системски мерки се преземаат за спречување на понатамошен раст на финансискиот товар по основ на пресуди на ЕСЧП против државата?

7. Дали Владата планира зголемување на буџетот на Бирото во рамките на ребалансот на Буџетот на Република Северна Македонија за тековната година, и доколку да — за колкав износ и со кои конкретни буџетски ставки, со цел обезбедување на минимално функционален капацитет на институцијата?

8. Дали Владата при планирањето на новите вработувања во Бирото ќе го почитува принципот на правична и соодветна застапеност на заедниците, предвиден со член 8 (Амандманот VI) од Уставот на Република Северна Македонија и со позитивното законодавство, и кои конкретни мерки се предвидуваат за негова доследна примена при пополнувањето на систематизираните работни места?

Ве молам за детален и прецизен одговор во рок предвиден со Деловникот на Собранието.

Со почит,

Скопје, 24.04.2026

Сали Мурати Пратеник во Собранието на Република Северна Македонија Пратеничка група на Европскиот фронт

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Влада на Република Северна Македонија

Во официјалниот регистар сè уште нема објавен документ со одговор. Страницата автоматски ќе се дополни кога ќе биде достапен.

Сите пратенички прашања