Најважно
352 вести · 24 ч.
Берово 6°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Муцунски: Нема официјална потврда за олеснувања на граничните премини

Резиме

Пратеничката Сања Лукаревска го праша министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски каков одговор добила Македонија на барањето за одложување на новиот систем на граничните премини за македонските државјани во периодот од 1 јуни до 1 септември 2026 година.

Муцунски одговори дека прашањето го покренува билатерално и во разговорите со ЕУ, барајќи решение за регионот. Рече дека се разговара за олеснувања во летниот период, но дека засега нема официјална потврда. Тој ги отфрли како неточни медиумските информации за индивидуално исклучување на српските граѓани од системот.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Сања Лукаревска

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Сања Лукаревска, поставено на 102-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 18 мај 2026 година Пратеничкото прашање гласи: Благодарам потпретседателе. Почитувани колеги, почитувани министри, заменици министри, имам прашање до министерот Муцунски, министре, на 23 април Туристичката комора при Сојузот на стопански комори на Македонија упати официјално барање до Министерството за туризам на Република Грција за времено одложување на примената на новиот систем на гранични премини за македонските државјани во период од 1 јуни до 1 септември 2026-та. Навистина сведоци сме дека има многу чекање на граничните премини со соседна Грција и уште не е почната туристичката сезона, чекањето предизвикува револт и нервози кај македонските граѓани. Нервозата е уште поголема по веста дека Грција најавила дека ќе ја стопира мерката за српските граѓани од 1 јуни до 1 септември, логично е очекувањето истото да важи и за македонските граѓани. Во меѓувреме слушнавме дека постои подготвеност кај земјите членки на Европската Унија, кои се во опкружувањето на Западен Балкан, да покажат флексибилност кон земјите од регионот за примената на европскиот систем за влез и излез. Европската Комисија признава дека правилата дозволуваат привремено суспендирање на проверките, но според нејзината позиција тоа не значи дека една држава може да воведе долгорочно или целосно ослободување за граѓани на одредена земја. Брисел побара објаснување од Грција и потсети дека системот мора да се применува според заедничките правила, односно ако секоја држава почне сама да одлучува кога ќе го применува системот, тогаш целиот европски систем ризикува да изгледа нерамномерно и недоверливо. Значи Грција до сега го суспендирала системот само за британски патници, а за србите дала усно ветување, за нас официјален одговор се очекува после 15 мај. Бидејќи денеска сме 18 мај, моето прашање до вас е, каков одговор добивте во врска со одложувањето на системот за нашата држава.

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија

О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Сања Лукаревска, поставено на 102-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 18 мај 2026 година Почитувана пратеничке Лукаревска, навистина се согласувам со вас, односно со вашата констатација дека условите кои што ги имаше посебно во некои викенди во текот на последниот месец покажаа дека постојат големи предизвици на граничните премини со земјите членки на Европската Унија и тоа не само во нашата држава на излез и на влез од нашата држава туку за целиот регион. Слична ситуација како што имаше на македонско-грчката страна имаше у помеѓу границите на Црна Гора и Хрватска, помеѓу Србија и Хрватска и да не ги набројувам другите гранични премини. Јас тоа што можам да го кажам е дека на највисоко ниво и билатерално и во форматите поврзани со Европската Унија го отвораме ова прашање барајќи решение. Во текот на претходната недела бев на состанок на министри за надворешни работи на земјите членки со Европската Унија со земјите од Западниот Балкан. Лично јас бев тој кој го отвори тоа прашање, присуствував на состанок на министри за надворешни работи од форматот !Пријатели на Западен Балкан“ во Братислава. Лично бев првиот министер во регионот кој што го отвори ова прашање. А исто така разговарам и билатерално со земјите од регион. Како еден пример министерот за внатрешни работи Тошковски пред неколку недели исто така беше во Грција каде разговараме и дискутираме за како да се најде решение колективно за целиот регион. Зошто велам колективно? Затоа што веста која што излезе дека граѓаните на Србија се исклучени од ентри ексит системот е лажна вест, не точна информација. Точно е дека се појави во неколку медиуми, но јас наредниот ден таа информација ја нареков политичка естрада. Затоа што е нешто што е апсолутно неточно. И согласно правилата на Европската Унија таков тип на индивидуален исклучок прво не може да се направи, а второ ако ги погледнете состојбите на граничниот премин таква одлука не може да се имплементира. Кога ќе се создаде гужва не може да се направи една лента со колона само за граѓани на одредена земја. Една работа која што јас ја напоменувам на сите овие состаноци со министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија е дека не се само државјани на земјите од Западниот Балкан кои што чекаат во тие колони и во тие гужви. И граѓани на земјите членки на Европската Унија се предмет на тие непријатни услови кои што се создаваат на границите. Тоа што би можел да ја информирам јавноста е дека имаме разговори и со институциите на Европската Унија и со земјите членки за во летниот период кога ќе настанат најголемите гужви да постои некои систем преку кој што ќе има олеснувања. Во моментот бидејќи ништо не ни е официјално потврдено, за жал и јас ништо не можам официјално да потврдам. Но очекуваме како регион соработувајќи и со земјите членки кои што и самите не сакаат вакви гужви да има подобри услови од тие услови кои што ги имаше во последниот период. Но сакам уште еднаш на македонската јавност да и укажам информацијата за индивидуални исклучувања на одредени земји е неточна и е лажна вест која што се пласираше во одредени медиуми, јас тоа го видов, од медиуми во соседни Србија. Затоа секогаш треба да бидеме внимателни кога читаме вакви информации и да граѓани следиме официјалните податоци и информации кои што доаѓаат од Европската Унија и од земјите членки на Европската Унија, но и од македонските институции.

Сите пратенички прашања