
Митко Трајчулески
До Претседателот на Собрание на Република Северна Македонија Г-дин Африм Гаши
Предмет: Пратеничко прашање
Согласно член 38 и 39 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија поставувам пратеничко прашање до министерот за транспорт Александар Николоски.
Урбанистичкото планирање претставува еден од клучните сегменти во уредувањето на просторот и обезбедувањето одржлив развој на општините. Во таа насока, особено значајна е доследната примена на законските одредби што ги регулираат постапките за изработка, усвојување и спроведување на урбанистичко-планската документација, како и улогата и одговорностите на сите учесници во овие процеси.
Имено, со Законот за урбанистичко планирање („Службен весник“ бр. 32/2020 од 10 февруари 2020 година), како и со сите негови измени и дополнувања до денес, членовите 70, 71 и 72 останаа непроменети. Сепак, во практичната примена тие често не се почитуваат или се толкуваат на начин што остава простор за правна нејаснотија и злоупотреба.
Имено Во Законот, во глава VI, и тоа: точка 4 – „Работи на правно лице со лиценца за изработување на урбанистички планови“, точка 5 – „Организациски форми за вршење на работите од урбанистичкото планирање“ и точка 6 – „Јавна установа за урбанизам“, каде прецизно се утврдени субјектите што можат да изработуваат урбанистичка документација, условите што треба да ги исполнуваат, како и овластувањата и лиценците неопходни за вршење на оваа дејност. Според член 71, овластениот архитект-урбанист може да ги врши стручните работи од урбанистичкото планирање во: - правно лице регистрирано за вршење на соодветната дејност и кое поседува лиценца согласно законот; - јавна установа за урбанизам; - Агенцијата за планирање на просторот.
Дополнително, во членот 70 законодавецот предвидува дека правно лице со лиценца може да изработува:
- сите видови урбанистички планови; - урбанистички проекти; - други стручни работи од областа на урбанизмот. Од друга страна, во членот 72 се овозможува единиците на локална самоуправа со седиште во поголем град да основаат јавна установа за урбанизам, доколку постои потреба поради големината и комплексноста на градот, како и доколку се обезбедени доволни финансиски средства за нејзино функционирање.
Во став 3 од истиот член, таксативно се наведени работите што може да ги врши така формираната јавна установа за урбанизам и тоа : 1. соработка со Агенцијата за планирање на просторот; 2. изработка на Генерален урбанистички план (ГУП); 3. изработка на стручна ревизија на урбанистички планови и проекти; 4. одржување и ажурирање на бази на просторни податоци; 5. следење и анализа на спроведувањето на урбанистичките планови; 6. изработка на извештаи за состојбите во просторот; 7. учество во изработка на оценки за просторен развој и 8. учество во подготовка на програми за донесување урбанистички планови.
Од содржината и предметната законска одредба неспорно произлегува дека законодавецот не предвидел јавните установи за урбанизам да имаат надлежност за изработка на Детални урбанистички планови (ДУП), ниту е утврден правен основ врз кој би можело да се заснова вршењето на таква активност.
Сепак, во практичната примена може да се забележат случаи во кои новоформирани јавни установи по налог на градоначалниците учествуваат во изработка на Детални урбанистички планови (ДУП), иако таква надлежност не произлегува експлицитно од законските одредби. Воедно, ангажирањето на овие установи во одредени случаи се врши без јавна постапка и без јавна набавка, преку директни договори, што отвора сериозен сомнеж за политичко влијание и злоупотреба на урбанизмот.
При донесувањето на законот, приватните правни лица од областа на урбанистичко планирање бараа јавните установи да немаат право да изработуваат ДУП-ови, со цел и приватниот сектор рамноправно и креативно да учествува во процесот, преку јавни постапки и конкуренција. Тој предлог беше прифатен, па затоа во законот не постои ниту една одредба што им дозволува на јавните установи за урбанизам да изработуваат ДУП-ови.
Дополнителен проблем претставува фактот што во голем број општини членовите на комисиите за урбанизам, предложени од политичките структури и градоначалниците, доаѓаат токму од овие јавни установи. Ваквата состојба создава основ за сомнеж во однос на независноста и непристрасноста при оценувањето и разгледувањето на планските решенија. И притоа се создава ситуација во која „кадија те тужи – кадија те суди“. Многу често лицата што ги изработуваат овие спорни ДУП-ови, директно или преку свои колеги од јавните претпријатија, учествуваат и во нивното усвојување што за мене е класична злоупотреба во овој сегмент за евалуација на планот.
Сметам дека ваквата практика создава сериозен ризик од појава на судир на интереси и можност за несоодветно користење на службените овластувања, дури и во случаи кога формално се применети механизми за изземање на одделни лица од гласањето и одлучувањето.
Почитуван министер, моите прашања се:
1. Дали и понатаму ќе се толерира изработка на вакви ДУП-ови од страна на јавните установи за урбанизам и дали веќе донесените, како и оние што моментално се во постапка на донесување, спротивно на законот, ќе бидат поништени или прогласени за ништовни?
2. И поврзано со првото, дали секторот за урбанистичко планирање при Министерството за транспорт ќе продолжи да издава согласности за ДУП-ови изработени од јавните установи на единиците на локална самоуправа, иако таквата надлежност не е предвидена во член 72 од Законот за урбанистичко планирање?
Пратеник, Митко Трајчулески