О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Јован Митрески, поставено на 107-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 25 јуни 2026 година Почитувана потпретседател на Собранието, почитувани пратеници, почитуван господин Мицкоски, премиер на Владата на Република Македонија, му благодарам на пратеникот Митрески за поставеното прашање. Првиот дел од неговата дискусија се однесуваше на една сугестија и јас тука само би кажал неколку реченици, сугестија во врска со употребата на инструментот каматни стапки, основна каматна стапка, што е во надлежност на Извршниот одбор на Народна банка на Република Македонија. Ете, основната надлежност на Народна банка е ценовна стабилност, финансиска стабилност и секако политиките, монетарната политика, да води сметка и за економскиот раст на државата. Ние внимателно ги анализираме состојбите во македонската економија и на тој начин постапуваме, пред се преку сигналната улога што ја има каматната стапка. Затоа што од друга страна иако е популарно да се има што пониски каматни стапки сепак тоа создава секако импулси за потрошувачката и на домаќинствата и кај компаниите, што влијае, како што кажавте, на агрегатна побарувачка и на притисоци врз цените. Познато е дека инфлацијата е еден невидлив данок кој што не ги оптоварува сите слоеви во општеството рамномерно, за жал најмногу ги оптоварува оние што се со пониски доходи или со фиксни доходи кои што не се во состојба навреме да ги индексираат со стапката на инфлација. Кога станува збор за надоместоците кои што ги наплаќаат банките за вршење на услугите во платниот промет, само да потсетам без многу да должам дека минатата година Република Македонија или во Република Македонија речиси сите банки се вклучија во единствениот систем за плаќање во евра, СЕПА, и тука резултатите се многу поволни и мислам дека тоа го чувствуваат и компаниите и граѓаните. Околу 64% според нашите податоци од сите прекугранични плаќања, приливи и одливи од земјата се извршуваат преку оваа шема, шемата на СЕПА, која што е замена за СВИФТ плаќањата. И тука сакам да истакнам дека некаде заштедите, кога станува збор за правните и физичките лица кои што вршат трансфери преку СЕПА изнесуваат околу 64%, односно пондираниот просек на плаќањата за извршување на трансакциите се некаде за 64% пониски кај одливните трансакции, она што се плаќа од земјата кон странство, а кај приливните надоместоци се физички и правни лица се пониски за околу 29%. Понатаму, Народна банка, секако во соработка со банките и минатата година прво презеде чекор за намалување на надоместокот што банките го плаќаат како вршители на платниот промет во системот МИПС, за извршување на плаќањата, банките во најголем дел ги пренесоа тие заштеди на домаќинствата и на компаниите, така што мислам дека можевме да бидеме задоволни од таа мерка. Сега, она што побуди интерес во јавноста, беше најавата на три големи банки и една средна бака, тие се обврзани евентуалните промени во тарифата да ги најават два месеци однапред за корекции во тарифите, каде што имаше зголемување или корекции нагоре кај некои ставки и секако ние како Народна банка прво го користиме инструментот на дијалог, анализа, убедување и слично. Лично тоа беше мојата директна изјава дека сметам дека не постои во моментов оправданост од такво зголемување. Една голема банка, веројатно сте информирани, да не ја спомнувам тука, ја одложи примената за два месец, од август за октомври, за да ги согледа последиците од евентуалните такви мерки. И мислам дека банките ќе одговорат на она што е сентимент во јавноста, дека сепак она што го кажавте вие, станува збор за една есенцијална услуга, за услуга која што е јавна корист. Имено банките се тука во привилегирана положба, затоа што според закон сите исплати на плати, на пензии, плаќањата на данокот на доход, одат преку трансакциските сметки во банките. Трансакциските сметки се во банките. И во однос на другите вршители на платен промет, а има и такви и ќе има и во иднина, зборувам за конкуренцијата, секако треба да го имаат тоа во вид. Дополнително сакам да спомнам и веројатно и за тоа сте информирани, Народна банка разговара со Македонската банкарска асоцијација, како претставник или здружение на банките, за проширување на функциите на т.н. платежна сметка за основни функции. Тоа е инструмент воведен со измените од Законот за платни услуги и платен промет од 2023 година. Имено таков инструмент постои, но заради некои ограничувања од неколку милиони сметки кои што ги поседуваат македонските граѓани и компании, само 179 такви сметки, значи платежна сметка за основни функции каде што за фиксен надомест може да се вршат одредени плаќања. Симболичен. Таа ги таргетира оние приматели на социјална помош, пензионери со ниски примања и слично. Ние сме во тек на разговори, мислам дека ќе вродат плод, со Македонска банкарска асоцијација, да дојдеме до некои решенија кои што ќе биде во интерес на граѓаните, а секако нема да го загрози работењето на вршителите на платниот промет. Од друга страна во насока на зголемување на конкуренцијата, повторно според одредбите од Законот за платни услуги, платен промет од 2023 година веќе Народна банка има издадено четири лиценци за така наречени издавачи на жирални пари. Тоа се институции кои што ќе можат да бидат конкуренти со банките во одредени домени на вршење на услуги во платниот промет. Тие се во подготовка и може да се очекува набрзо да започнат со вршење на плаќањата. И последно, има случаи во опкружувањето и во светот, тргнувајќи токму од оние аргументи кои што ги спомнав за карактеристиките на платниот промет, каде што на централните банки им се дава поголема надлежност да можат директно да ги регулираат надоместоците на банките, што кај нас не е случај. Кај нас банките од аспект на своите деловни одлуки ги формулираат, односно ги одредуваат овие надоместоци. Мислам дека продолжуваме и секако како што реков, во интерес на граѓаните, во интерес на поголема вклученост на граѓаните во регуларниот платен промет, ќе најдеме некое заедничко решение кое што ќе биде прифатливо и за граѓаните и за оваа сфера од финансискиот систем, односно банкарскиот сектор. Благодарам.