
Благој Бочварски
ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Благој Бочварски, поставено на 111-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 15 јули 2026 година Пратеничкото прашање гласи: Првото прашање во врска со законите за основно и средно образование за кои неодамна имавме дебата во ноќните часови кога пратениците на ВМРО ДПМНЕ ги предложија и ги бранеа како некаква реформа која патем речено не може да се нарече така во ниту еден случај. Затоа што задира само во два, три сегменти од целите законските решенија кои се крајно спорни, и на пример не задира во никој случај во сите новонастанати состојби кои ги носи новото време во образовниот процес. На пример, нови наставни програми, поголемо практично образование, поголема автономија, поврзување со пазарот на труд, проблемите со социјалните мрежи и менталното здравје на младите и така натаму. Да се вратам на прашањето. Сакам да потенцирам дека ваквите измени кои ги предложивте и се боревте да ги донесете, имаат сериозно влијание во многу сегменти од општественото живеење врз младите, а со тоа и врз иднината на државата. Понатаму, врз професорите и врз сите вработени во образованието. Но, овие закони носат и еден друг скриен трик, односно проблем кои на задна врата сакате да го протнете преку овие законски измени. На пример, се работи за еден од столбовите на кои се темели системот на државата преку доближување на услугите кон граѓаните, а тоа е процесот на децентрализација, започнат во далечната 2005-та година со тенденција државата низ годините да ги пренесува надлежностите кон општините и граѓаните. И да појаснам, децентрализацијата структурално е изразена преку политичка и фискална децентрализација. Политичката е во пренос на одлучувањето од централната кон локалните власти, а фискалната е за пренос на буџетските средства кон општините за да тие можат самостојно да ги извршуваат преземените обврски. Сега ќе се вратам на 2026-та година, 20 години после годината кога некои други луѓе започнале и носеле прогресивни одлуки за државата во делот на децентрализацијата, денес доаѓа време кога министерката за образование повторно не враќа кон 2005-та година. Да преведам, вие преку овие закони велите дека општините, отсега ќе можат да плаќаат повеќе финансиски средства, односно им додавате можност финансиски да учествуваат преку давање плати на наставен кадар, а вие како министерство отсега ќе имате повеќе ингеренции, односно досегашните политички ингеренции им ги кратите. Еве ги аргументите, досега во еден од членовите во овие два закони идентично, за средно и основно образование, се вели дека општината може да ја дополни добиената блок дотација со средства од сопствени извори, освен за плати на вработените во училиштата. А отсега со овој нов закон, кој што се уште е во собраниска процедура, велите дека ќе се избришат зборовите освен за плати на вработените во училиштата, што значи отсега општините вака свечено им делегирате дополнителни финансиски обврски и трошоци или издатоци, како сакате, од сопствени буџетски средства со можност дополнително да исплаќаат плати и на професорите и наставниците во образованието. Понатаму, досега во постоечкиот закон, во друг член за средно и основно образование е регулирано дека основачот може да формира паралелка со помалку од 20 ученици по добиено позитивно мислење од Министерството за образование и наука. Со оглед на тоа дека мислењето нема задолжително образувачки правен карактер сега во измените предлагате наместо мислење, да предвидувате согласност од Министерството за образование и наука, со цел обезбедување појасна и посилна надлежност и поефикасна контрола при формирањето на паралелки, така вие тоа го објаснувате. Па дополнително во образложението велите, почитувани градоначалници, совети, локални власти, овие измени се со цел по централизирано управување во образованието. Е ова претпоставувам е во делот на хуморот или парадоксот во режија на оваа Влада. Почитувана министерке, ако на ваков начин им додавате надлежности на општините или вие велите дека се децентрализира државата, тогаш можам да замислам само како би изгледало кога ќе кажете дека им кратите, на пример надлежности, ингеренции на локалните власти. Вие сакате да кажете дека со посилна контрола и надлежност од страна на централата, односно на министерството ќе го децентрализирате образованието. Затоа да заклучам, вие им ги одземате политичките одговорности и ингеренции преку зајакнување со Министерството со Институтот давање согласност од централата, а од друга страна не само што не им доделувате или пренесувате финансиски средства, односно не само што не им давате дополнителна финансиска самостојност, туку со закон им велите дека отсега, ако ви пуштиме на пример намалени финансиски средства за плати, снаоѓате се, наместо да изградите некој водовод или улица во вашата општина, ќе дадете некоја плата плус во образованието и во училиштата. Сега ќе го поставам првото пратеничко прашање. Каков е овој феномен, зошто правите ретрограден процес и на задна врата носите нова централизација и дали знаете дека со ваква политика пред се, малите општини ќе ги заглавите, а убеден сум дека и поголемите и посилните финансиски општини?