Најважно
347 вести · 24 ч.
Берово 6°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Лукаревска праша кој ќе одговара за наставата во „Киро Глигоров“

Резиме

Пратеничката Сања Лукаревска праша зошто адаптацијата на училиштето „Киро Глигоров“ почнала на 7 август, иако, според неа, можела да се организира за време на летниот распуст. Побара и објаснување за законската основа за комбинирање на наставата и праша кој ќе понесе одговорност што учениците не ја започнале учебната година со редовна настава со физичко присуство.

Министерката одговори дека за доградбата била потребна соработка со Општината и наведе дека проектот бил предаден во архива на 18 мај, внесен во системот на 3 јуни и одобрен на 28 јули. Рече дека наставата ја организираат директорот и Општината и дека директорката ја известила за дополнителни училници од 14 септември. Министерката не посочи кој ќе понесе одговорност, а рече дека за една недела сите ученици ќе учат со физичко присуство.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Сања Лукаревска

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Сања Лукаревска, поставено на 122-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 11 септември 2026 година Пратеничкото прашање гласи: Министерке, како можевте да дозволите, учениците во едно од најбројните училишта во земјата и патем, најново, учебната година да ја започне без обезбедена редовна настава со физичко присуство. Во услови кога сите показатели укажуваат на сериозен пад на знаењето и квалитетот на образованието, вие оставивте стотини ученици без редовна и квалитетна настава. Основното училиште “Киро Глигоров“ во Центар, училиште со реноме, заради немарноста на Министерството за образование, сега сред училишна година, лични на градилиште полно со прашина. Родителите и учесниците се во шок, силно револтирани и без бараните одговори. Реагираше Општина Центар за овој преседан, за волја на вистината, и вие бевте таму на 1 септември, но наместо да дадете точни информации за проблемот, делевте лекции. Ќе направиме една хронологија со датуми, со цел да дојдам до моето конкретно прашање. На 18 февруари оваа година, потпишан е Договор меѓу Министерството за образование и Општина Центар за регулирање на меѓусебни односи при адаптација на училишна зграда, со цел овозможување на одржување настава во една смена, т.е. адаптација на постоечки простории во училиштето “Киро Глигоров“, како дел од проектот за унапредување на основното образование. И во членот 2 точно е наведено кои се вашите обврски и тоа, да се обезбеди финансиски средства за изработка на техничка документација, изведба на адаптација и надзор над работите, основен проект за адаптација, ревизија, изведувач на градежни работи, стручно технички надзор над истите и да го предадете адаптираниот дел на Општината. Општината, согласно Договорот завршила сѐ на она што се обврзала. На 5 август, имате испратено меил до неколку скопски училишта, меѓу кои што и ова училиште за да им најавите посета на 7 август и вовед во работа од страна на надлежните изведувачи и надзорот. Значи, веќе вие на 7 август знаете дека има застој, дека има проблем, нема да се завршат активностите до 1 септември. И потоа има уште еден меил од 6 август за да се достави соодветна документација. Во дописот од училиштето до Општината од 26 август стои вака, цитирам. Во согласност со одредбата за посета на училиштата и вовед во работа на ден 7 август започнаа градежни активности, со цел да се изврши адаптација на нови училници во постоечкиот простор за да се обезбеди едносменска работа на училиштето. Значи, договор потпишан во февруари, дури во август се будите и почеток на градежни активности обзнанувате. Ден пред достава на барањето за начинот на организирање на воспитно образовен процес за почеток за учебната 2026/27, од директорката на училиштето имало состанок на засегнати страни меѓу кои што имало и претставници од Министерството за образование, изведувачот, со констатација, внимавајте, од тој состанок, дека сите училници не може да бидат дел од тој воспитно образовен процес. Значи, наставата можела да се реализира во 12 училници. И на крајот од барањето до Општината се бара одобрување за учениците од прво до трето одделение да одат со физичко присуство, а останатите да следат онлајн. Одиме понатаму, 27 август до Министерството е поднесено барање од Општина за прецизирање како да се надмине проблемот со ненавременото завршување на градежните активности. Кое е решението на Министерството за образование се барало, гаранција за безбедноста на учениците и создавање услови за одвивање на настава со физичко присуство. Повторувам, Општината ги презела сите активности во рамките на своите надлежности. Особено тука треба да имаме во предвид дека одговорноста за овој преседан е комплетно ваша. И таа одговорност соодветствува со вашата изјава од 1 септември, во дворот на тоа училиште, дека ќе се заврши се во рок од две недели, или осум до девет работни дена. Тоа е некаде 14, 15 септември. Но се паѓа во вода, согласно нов допис од 9 септември до Совет на родители од директорката, каде стои дека по насоки од Министерството, од 14.09. образовниот процес за учениците од прво до петто одделение ќе биде реализиран со физичко присуство, а за учениците од шесто до деветто ќе се реализира преку средства за учење од далечина. Значи, не се враќаат сите со физичко присуство. Еве ги прашањата кои што цела јавност сака да ги знае, но и со искрен одговор без манипулации. Зошто реконструкцијата започнала на 7 август, иако станувало збор за планирани градежни работи кои можеле навремено да се организираат и во текот на летниот распуст. Зошто дозволивте преку оваа реконструкција да имаме нарушување на редовниот образовен процес. Прашањето за законската основа е тука битно. Бидејќи, во конкретниот случај нема вонредна состојба. Врз кој член од Законот тоа го направивте. Начинот на комуникација со родителите, со Советот нема јавност, нема транспарентност, нема отчетност. Моето прашање конкретно е, кој ќе понесе одговорност што учениците не ја започнаа учебната година со обезбедена редовна настава.

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Министерство за образование и наука

О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Сања Лукаревска, поставено на 122-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 11 септември 2026 година Почитувана пратеничке, откако во мандатот од 7 години не изградивте ниту едно единствено училиште и не направивте ништо за децата, нашите деца имаат соодветни услови за работа. Односно, единствено училиште кое го изгради СДСМ во последниве 10 години е “Киро Глигоров“ на основа и на предлог на ВМРО-ДПМНЕ и како што гледате не сте го изградиле како што треба, оти не сте направиле предвидување дека во општина центар бројот на учениците ќе биде поголем и дека ќе треба повеќе простор. Сеедно, небитно е тоа, не станува збор за тоа што и како работиме, на децата им треба простор и точно, како што вие кажавте, баш заради лошите резултати кои ги постигнуваат нашите ученици. Не измисли Весна Јаневска, не измисли ВМРО, не измисли коалицијата, експерти, стручњаци велат дека треба да се учи во една снема и дека тогаш децата достигнуваат подобри резултати. Конкретно сега да одговорам на вашето прашање. Дел од датумите ви се апсолутно точни. Тоа е така. Но, за да се доградува едно училиште неопходна е соработка со Општината. За разлика од вас, јас ќе ви кажам дека, да, имаме коректни односи со Општината, но, проектот во архива е предаден на 18 мај. На 18 мај. Цел месец не бил закачен во системот. Откако е закачен на системот, поминале 40 дена за да се добие одобрение. Барањето е закачено на 3 јуни, одобрено е на 28 јули. На 28 јули. Ова е она што е реалност. И има уште една реалност. Така е, вие комуницирате со директорката и таа вели вака. Добар ден министерка, сакам да ве известам дека обезбедивме плус 8 училници од 14 септември и децата ќе почнат со физичко присуство, четврто и петто. Шесто и деветто ќе продолжат. Јас во училиштето не ја организирам наставата. Си има директор, си има општина, јас соработувам со сите, јас не велам наши, ваши, со сите во корект на децата. Како вели директорката дека треба да се организира наставата, така нека ја организира. И сега за популизмот. Не очекував од вас ваков популизам. Наставата децата имаат. Да, во дел имаат он лајн настава, затоа што им се обезбедуваат подобри услови за да учат, за да постигнуваат подобри резултати. Дали треба, треба. Ако не градевме, ќе ме прашавте, зошто децата учат во две смени. Кога градиме, зошто градите децата не можеле да учат, нели, секојдневно ќе учат. За една недела сите ќе учат со физичко присуство. Проблемот е што не учат. Проблемот е што има проблем во системот и не ни учат и приоритет е Писа и приоритет е како да почнат да го совладуваат материјалот и како да научиме нашите наставници да им го пренесат знаењето. Зошто правите проблем за нешто што го нема. Секој пат од оваа говорница ве повикувам да се обединиме во областа на образованието, еве и здравството. За се друго може да се караме. Овде нема проблем. Зошто правиме проблем таму каде што го нема само за популизам, за собирање лајкови и гласови. Гласови ќе собираме на добри проекти и тоа така треба да биде, или ве молам тргнете ги рацете од образованието и од здравството, суштински се за опстанок на оваа земја и за опстанок на младите, оти вака како што се последни, а ќе бидат уште полоши ако нешто не преземеме. Вие знаете што ќе се случува во иднина, ама не сум сигурна дека се грижите. Се грижите за во моментов да го подигнете рејтингот на вашата партија, не се грижите за децата.

Сите пратенички прашања