О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Драгана Арсова, поставено на 124-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 24 септември 2026 година Благодарам почитуван потпретседателе. Благодарам уште еднаш на второто прашање. На 28 октомври ја планирам официјалната промоција на м.Услуги, национална, супер апликација преку која граѓаните ќе добијат пристап до своите електронски документи, до државните услуги директно од мобилниот телефон. Станува збор на проект на кои работиме подолго време, можам да кажам од пред почетокот на мандатот на оваа Влада. Со цел постепено да го менуваме начинот на кои граѓаните комуницираат со институциите. Затоа што и денес секој од нас преку мобилниот телефон пристапува до банкарски услуги, плаќа сметки, купува билети, комуницира со своите пријатели и блиски, завршува голем дел од секојдневните обврски и наша цел, и државните услуги постепено да станат достапни на истиот начин. Граѓанинот да може да го користи својот телефон, да пристапи до своите лични документи, да поднесе барање, да добие електронска услуга и во следните фази да потпише и документ, без непотребно одење на шалтер. Би сакал, пред да ги објаснам функционалностите, да одговорам две важни прашања. Прво, апликацијата е бесплатна за сите граѓани. И второ, нејзиното користење нема да биде задолжително за ниту еден граѓанин. Секој граѓанин кој сака да ја користи м.Услуги, ќе може бесплатно да ја преземе и да пристапува до функционалностите и нема да се плаќа месечна претплата за користење, а се разбира, доколку за конкретна услуга со Закон е предвидена некоја административна такса, таа останува како посебно прашање. Апликацијата не е задолжителни и граѓанин кој што сака да ја користи, само физички личен документ, ќе може да продолжи да го користи. Оној кој нема паметен телефон, нема соодветни дигитални вештини, или едноставно претпочита физички документ, нема да биде обврзан во ниеден момент да го користи дигиталниот паричник. Целта не е да воведеме нова обврска, туку нова можност. Сега што конкретно ќе содржи м.Услуги. Идејата е дека како мала држава немаме капацитет да се грижиме за десетици апликации на јавните институции. Една за здравство, друга за даноци, трета за Сејф сити, четврта за административни услуги и лични документи. Целта е сите овие услуги кои што институциите ги нудат за граѓаните, да ги понудиме на едно место, поедноставно за граѓаните, уште поедноставно и поефикасно за институциите. Во првата верзија, инаку проект со Европската Унија, со Лисабон Советот, по иницијатива на Полска и на Украина, граѓаните ќе можат да пристапуваат до електронските верзии на својата лична карта и возачка дозвола и за ова исклучително сум благодарен на соработката со Министерството за внатрешни работи и министерот Тошковски, затоа што првиот ден ја препознаа потребата за поврзување на овие регистри, затоа што знаеме дека тие се сопственици на овие документи. Тоа е почетната основа на дигиталниот паричник. Во втора верзија, односно нешто што ние сами го сработевме дополнително, граѓанинот ќе може да пристапи до електронската услуга за потврда на стаж и за содржаните лични податоци во Централниот регистар на население. Апликацијата е развивана со можност за проверка на овие документи преку кјуар код, безбедна електронска идентификација и заштита на личните податоци. Сакам да нагласам дека дигиталниот документ не е обична фотографија од личната карта зачувана во галерија на телефонот, туку документот е директно поврзан со сигурен механизам за електронска идентификација со можност институцијата која што е овластена да го прифати и да ја провери неговата автентичност и валидност во реално време. Покрај електронската лична карта и возачката дозвола, понатаму м.Услуги ќе содржи и бројни други корисни услуги за граѓаните. Ние правиме листа на најкористените услуги кои што се во моментот на порталот Услуги.гов,мк да бидат достапни и на м.Услуги. Во поширокиот развоен концепт, сакаме да донесеме и пристап до електронско сандаче, потсетници за важни рокови и полесно користење на најбараните државни институции. На пример, наместо граѓанинот сам да проверува кога му истекува некој документ, во иднина апликацијата ќе може навремено да го извести и да му понуди основ, тој да си закаже термин за да повторно си го извади потребниот документ. Наместо да посетува повеќе различни интернет страници, да користи различни лозинки, различни кориснички имиња, тој на едно место ќе пристапува до сите услуги кои што му се потребни. Законската основа ја подготвивте вие пратениците со измените во 2025 година на законот за електронски документи и електронска идентификација и доверливи услуги. Членот 20г и 20м, особено го таргетираат инсталирањето и формирањето на дигиталниот паричник. Важно е законска основа за развојот на дигиталниот идентитет и затоа со првата верзија на м.Услуги не им кажуваме на граѓаните дека веднаш треба да ги заменат или да не ги користат своите лични карти или возачки дозволи, туку ќе почнеме процес на постепено прифаќање и во институциите, и во приватниот сектор. Не започнуваме од 0, како што кажав, ова беше една европска идеја. Користевме искуства од соработката со европските партнери, експерти од Брисел и од Лисабон, и од
Полска и од Украина и е проект вреден повеќе од 1,5 милиони евра, средства директно од Европската Унија и 0 денари од македонскиот Буџет. Но за нас посебна инспирација е концептот на украинската апликација ДИА, која покажува како личните документи и голем број јавни услуги можат да бидат обединети во една единствена мобилна апликација. И полскиот пример е многу интересен. Сега сакам да го спомнам на кратко. Тоа е полската апликација мОбувател, преку која граѓаните можат да користат дигитални документи и електронски јавни услуги. Во оваа апликација постои специјален дигитална услуга, Ем довод која се користи за дигитално потврдување на идентитетот. Колку граѓаните таму ја прифатиле оваа можност, од мај 2026 година, значи за само четири месеци, 12 милиони корисници, мобилната апликација во Полска. Очекувам сериозни бројки и тука во Македонија. Првиот интерес за пилот верзијата, мобилната апликација, лани беше огромен, 5 илјади граѓани за два дена. Ја тестираа апликацијата, дадоа свои забелешки и ние на тие забелешки работевме. Паралелно се развиваат и сите дополнителни елементи за кои што говорев и чекор по чекор, во секоја следна верзија која што ќе доаѓа на следни два, три месеци, ќе носиме нови работи. Од 29 октомври, 28 на промоцијата, истата ќе биде достапна за корисниците и на плеј стор и на ап стор, така што очекувам дека целосно ќе биде корисна за сите. Да завршам со она што е најважно за граѓаните. Уште еднаш ќе повторам. м.Услуги е бесплатна апликација, не е задолжителна, 0 денари државни средства се потрошени за нејзиниот развој и во првата верзија граѓаните ќе добијат пристап до електронската лична карта, возачка дозвола и почетните електронски услуги. Целта наша е многу едноставна. Граѓанинот да има избор, да продолжи да ги користи постојните начини, или да заврши се повеќе административни постапки преку својот мобилен телефон брзои ефикасно. Благодарам.